Истражување: Ковид-19 е речиси трипати посмртоносен од грипот
Околу една година од почетокот на пандемијата, јасно е дека новиот коронавирус е посмртоносен од сезонскиот грип, се наведува во денеска објавената научна студија која открива колку е опасен Ковид-19. Неговата смртност е речиси трипати поголема кај пациентите со Ковид-19.
Авторите на истражувањето ја користеле француската национална статистика и ја објавија во списанието „The Lancet Respiratory Medicine“, фокусирајќи се на сериозноста на болеста.
Истражувачите споредиле податоци за 89.530 пациенти примени в болница со коронавирус во март и април годинава, со 45.819 пациенти хоспитализирани со сезонски грип, во периодот меѓу декември 2018 и крајот на февруари 2019 година.
Вкупно 16,9 отсто од пациентите со коронавирус починале во овој период, кога бил првиот бран на епидемијата во Европа, а лекарите имале малку медикаменти за лекување на сериозно болните. Ова се споредува со смртност од 5,8 отсто кај заболените од грип.
Кетрин Квантин, професор од Универзитетската болница во Дижон и Францускиот национален институт за здравство ИНСЕРМ, кој исто така учествувал во студијата, коментира дека разликата во смртноста е „особено поразителна“, бидејќи сезоната на грип 2018/2019 е најсмртоносна во Франција во последните пет години.
Авторите нагласуваат дека разликата во бројот на примени в болница – двојно повеќе болни од коронавирус се хоспитализирани во споредба со грип – делумно може да се објасни со постојниот имунитет на грип или поради претходна инфекција или вакцинација.
Истражувачите откриле дека повеќе пациенти со коронавирус морале да бидат примени на одделот за интензивна нега – 16,3 проценти во споредба со 10,8 отсто со грип, додека просечниот престој на интензивна нега е речиси двапати подолг (15 дена во споредба со осум дена за грип).
Студијата, исто така, откри дека многу помалку деца на возраст под 18 години биле хоспитализирани со коронавирус во споредба со грипот (1,4 отсто во споредба со 19,5 проценти).
Ново на Сител
-
Трамп „не е задоволен“ со Путин, разгледува нови санкции
-
ЦУК: Активни 11 пожари, еден под контрола
-
Потпишан договор за грант од 5,5 милиони евра за енергетска реконструкција на студентски домови
-
Најмалку осуммина повредени во невремето што попладнево го погоди Белград
-
ЕК за концертот на Томсон: Го осудуваме секој израз на фашизам, членките на ЕУ да го казнат говорот на омраза
-
Голема брзина над дозволената причина за несреќата во која загинаа Жота и Силва
-
Вардар и Алкалоид се двете македонски екипи во Лига Европа во ракомет
-
Владата прогласи кризна состојба од 30 дена поради пожарите