Илјадници луѓе протестираа во Прага против владата на Бабиш

Илјадници луѓе вчера излегоа на улиците на Прага на протести против деснопопулистичката влада на милијардерот и премиер Андреј Бабиш, јави ДПА.
Протестот го организираше движењето „Милион моменти за демократијата“, кое ја обвини Владата дека не прави доволно за зајакнување на националната безбедност и за борба против дезинформациите.
„Не треба да ја потценуваме опасноста што ја претставува Русија и да се правиме дека тоа нема никаква врска со нас“, изјави лидерот на движењето, Микулаш Минар.
Демонстрациите се одржаа на Староградскиот плоштад во Прага, каде учесниците вееја знамиња на Европската Унија, како и чешки и украински знамиња.
Организаторите ги повикаа гласачите во што поголем број да излезат на престојните локални и избори за третина од составот на Горниот дом на чешкиот Парламент, закажани за 9 и 10 октомври. Тие истовремено упатија повик до граѓаните да не гласаат за популистичките и екстремистичките партии.
Демонстрантите го критикуваа и можниот конфликт на интереси на Бабиш поради неговата поврзаност со голем деловен конгломерат, иако тој го префрли својот имот во труст.
Протестирачите се спротивставија и на плановите на Владата за финансирање на јавните медиуми со средства од државниот буџет.
Бабиш неодамна предизвика дополнителни реакции со изјави во кои ја доведе во прашање независноста на судството. Тој зборуваше за „мафија која по нарачка испраќа луѓе во затвор“ и за судии кои „донесуваат одлуки без докази“.
Здруженијата што ги претставуваат адвокатите и судиите реагираа остро, оценувајќи ги неговите изјави како напад врз судството.
МИА
Ново на Сител
-

Скопјанка измамена за сума од 117.000 денари од поранешен вработен во Катастар
-

Во текот на изминатото деноноќие приведени 10 возачи за „безобѕирно управување со моторно возило“
-

Приведени две лица откако нападнале и ограбиле маж и се обиделе да го принудат да земе брз кредит
-

Мицкоски: Мојата задача не е да се занимавам со коски од минатото, туку да обезбедам иднина за нашите деца
-

Владина делегација предводена од Муцунски положи цвеќе по повод 23 Октомври
-

УХМР: Најстудено на Попова Шапка, најмногу дожд во Крива Паланка
-

Руски танкер со 40.000 тони дизел плови кон Њујорк по договорот меѓу Путин и Трамп
-

Зеленски: Моите несогласувања со Трамп не се на лична основа
