Хју Хефнер го пријавувал Епстин во ФБИ уште во 2005 година

Основачот на списанието „Плејбој“, Хју Хефнер, повеќепати го контактирал Федералното истражно биро (ФБИ) поради обвинувања за сексуални злосторства против финансиерот Џефри Епстин, но федералните власти не реагирале на неговите предупредувања, објави „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на материјали од судска постапка.
Според судските документи, Хефнер го контактирал ФБИ во 2005 година, откако манекенката на „Плејбој“, Одра Лин Кристијансен, му кажала дека била жртва на силување и трговија со луѓе, обвинувајќи го Епстин за злосторствата. Кристијансен тогаш имала 23 години и живеела во вилата на Хефнер во Беверли Хилс, по што Хефнер одлучил да ги искористи своите контакти со органите за спроведување на законот за да ѝ помогне.
„Господин Хефнер неколкупати телефонски го контактирал ФБИ во име на госпоѓа Кристијансен за да го пријави Џефри Епстин“, се наведува во тужбата.
Новите детали се објавени во изменетата тужба што пред Федералниот суд на Јужниот округ на Флорида ја поднеле 32 жртви на Епстин. Тие го обвинуваат ФБИ за неактивност и наведуваат дека Бирото уште од 1996 година добивало бројни информации за наводните злосторства на финансиерот, но не преземало соодветни мерки.
Кристијансен, според судските материјали, навела и дека била предадена на еден од богатите пријатели на Епстин, макаоскиот магнат од коцкарскиот сектор Стенли Хо, кој почина во 2020 година. Службеници на ФБИ стапиле во контакт со Кристијансен дури во октомври 2020 година – 15 години по телефонските повици на Хефнер и по смртта на Епстин во затвор.
Адвокатот на жртвите, Џордан Мерсон, оцени дека односот на ФБИ кон пријавите во случајот со Епстин е сериозна причина за загриженост. Тој наведе дека фактот што ФБИ се обидува да се повикува на процедурални формалности за да избегне одговорност за неуспехот во истрагата за активностите на Епстин во текот на повеќе од две децении „треба да предизвика длабока загриженост кај сите“.
Новите наводи дополнително го отвораат прашањето што знаеле американските федерални служби за активностите на Епстин и кога преземале мерки по пријавите што со години стигнувале до нив.
МИА
Ново на Сител
-

Официјално: Искра Хаџи Василева победи на денешните избори
-

Најмалку 64 мртви и повеќе од 179 повредени во судирот меѓу двата воза во Шпанија
-

Во двата воза што се судрија во Шпанија имало над 544 патници
-

580.000 евра од Германија легнале на сметка на 71-годишна жена од радовишко – со парите синот градел бесправно и купувал имот
-

Мицкоски му честитал на Срдановиќ за изборната победа, очекува продлабочување на економската соработка со Србија
-

Стојна не се откажува од наплатата за Куклица – се заканувала на посетители, па полицијата ја привела
-

Охрид: Египќанец украл телефон и пари од гости во хостелот каде што престојувал
-

35-годишна жена нападнала полицаец во Куманово
