Свет
20. March 2017 - 10:48

Хан: Иднината на Балканот е во ЕУ

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан оцени дека ситуацијата во земјите од Западен Балкан и натаму е кревка и трајно решение е можно само во меѓународните рамки, односно внатре во ЕУ.

- Ние не се фокусираме на датумите за членство. Зборуваме за пристапниот процес, а со која брзина напредуваат земјите зависи само од нив, истакна Хан во интервју за виенскиот весник „Курир“.

Што се однесува до отпорот за натамошен прием на земјите во ЕУ, тој нагласува дека мнозинството граѓани на земјите членки се воздржани, поради што е важно тие луѓе да се убедат дека новата членка не претставува товар или проблем, туку добивка.

Државите кои сакаат да станат членки, според него, мора да исполнат предуслови, правниот систем мора да функционира, треба да бидат многу поатрактивни за инвестиции. Економиите на државите мораат, при идните приеми, да бидат клучен фактор.

- Поради тоа предложивме заеднички пазар за регионот на Западен Балкан, со слободен проток на стока и услуги, заеднички признавања на сертификати. Тоа би можело релативно лесно да се спроведе, без да се менуваат договори, и би претставувало прв чекор кон европскиот заеднички пазар. Би можело да се случат до 80.000 укинувања на формални препреки, смета еврокомесарот.

Хан го констатирал и руското влијание во регионот, посебно кога станува збор за геостратешки развој.