Свет
13. July 2016 - 12:45

ЕУ го менува принципот за релокација на мигрантите

Европската унија го менува принципот и системот за прием, релокација и справување со мигрантскио бран, со нов предлог што денеска го претстави Европската комисија, јави дописникот на МИА од Брисел.

Европската комисија денеска го усвои најновиот извештај за напредокот на шемата за итни случаи за релокација и преселување на мигрантите во рамки на земјите-членки на Европската унија и изврши проценка на мерките што се преземале во текот на минатиот месец.

Според еврокомесарот за миграција, внатрешни прашања и државјанство, Димтирис Аврамопулос, позитивниот тренд забележан во последниот извештај продолжил со тоа што земјите членки ги засилиле своите напори за релокација и преселување на бегалците.

Сепак, Аврамопулос, призна дека досега, по договорот од јуни 2015 година, од вкупно 1,2 милиони мигранти во Унијата, релоцирани и разместени во рамки на земјите членки на ЕУ се само нешто над 22 илјади од овие.

Релокацијата, како што соопшти Аврамопулос, продолжила со зголемена стапка во однос на претходниот месец, со тоа што дополнителни 776 лица се преселиле од 14-ти јуни.

Значајни достигнувања, според еврокомесарот за миграциски прашања, исто така, се постигнати и во однос преселувањето на 8.268 лица од вкупно договорените 22.504 мигранти во рамки на договорот за релокација и прселба од јули 2015 година. А, вкупно 802 сириски бегалци се раселени и од Турција во Унијата според договорот ЕУ- Турција.

- Ги поздравувам зголемените напори направени од страна на земјите членки во текот на изминатите месеци за релокација и преселување. Ова е вистински израз на европската солидарност во акција, што доаѓа во прилог на огромните напори на земјите на ЕУ да примаат и да бидат домаќини на над 1,2 милиони лица кои побараа азил само во 2015 година. Сепак, се уште десетици илјади бегалци во Грција чекаат да бидат преместени, а пристигнувањата остануваат на високо ниво во Италија, па овој позитивен тренд сега треба да продолжи и да зајакне. Комисијата ќе продолжи да ги поддржува земјите членки со сите расположливи средства за понатамошно забрзување на спроведувањето на програмата за релокација и преселување, истакна еврокомесарот Аврамопулос.

Во исто време, денеска Еврокомисијата претстави и предлог за спроведување на реформа на Заедничкиот европски систем за азил, со цел тој да се придвижи кон целосно ефикасна, фер и хумана политика за азил и да може да функционира ефикасно и во време на нормални и во услови на висок миграциски притисок.

Овие предлози вклучуваат создавање на заедничка процедура за меѓународна заштита, унифицирани стандарди за заштита и права дадени на корисниците на меѓународна заштита и натамошно усогласување на условите за прием во ЕУ.

Првиот заменик-претседател на ЕК, Франс Тимерманс истакна дека ЕУ има потреба од систем за азил што ќе биде ефективен и заштитнички, врз основа на заеднички правила, солидарност и фер распределба на одговорностите. Овие предложени реформи, според Тимерманс, ќе осигураат дека лицата што имаат вистинска потреба од меѓународна заштита, дека тие тоа и ќе го добијат.

- Но, исто така, оние кои немаат право да добијат заштита во ЕУ, со ова ќе може да се враќаат брзо. Со денешните предлози, сите елементи на реформата на Заедничката европска политика за азил се на маса на Европскиот парламент и на Советот. Комисијата, исто така, предложи рамка за раселување на ЕУ за воспоставување на заедничка европска политика за раселување за да се обезбеди уреден и безбеден пат во Европа за лицата со потреба од меѓународна заштита. Денешниот предлог ќе обезбеди постојана рамка со унифицирана постапка за преселување во ЕУ. истакна Тимерманс.

Сепак, според заменикот на Жан-Клод Јункер, и покрај тоа што земјите членки на Унијата ќе останат оние кои ќе одлучуваат за тоа колку луѓе ќе бидат раселени секоја година, колективно ЕУ ќе постигне поголемо влијание преку координирање на националните напори и ќе делува како целина.

Според еврокомесарот за миграција, внатрешни работи и државјанство, Димитрис Аврамопулос, пак, денешниот предлог е голем чекор во напорите на официјален Брисел да им понуди правни можности и да им овозможи на лицата кои имаат потреба да влезат во ЕУ, безбедно да добијат заштита.

Тоа, според него е составен дел од поголема цел, а тоа е да се осигура дека заштита ќе се понуди на оние кои имаат потреба, ќе се намалат стимулациите за илегалната миграција и ќе се заштитат мигрантите од експлоатација од страна на шверцерските мрежи и опасните патувања за да стигнат до Европа. преку воспоставување на трајна рамка со усогласени практики што може да обезбеди побрзи процедури, овозможувајќи скала до заедничките заложби за ресоцијализација.

- Ова е отворање на вистинскиот правен прозорец во нашите напори за затворање на неправилната задна врата во ЕУ. порача Димитрис Аврамопулос.