Македонија
29. July 2022 - 19:25

Димитриевски: СДСМ не е вистинската власт туку е приврзок на ДУИ, а ДУИ е грубо кажано газда во Македонија

Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски во интервју за Вечер вели дека оваа година, со прифаќањето на Францускиот предлог од актуелната влада, и понудената преговарачка рамка за влез во ЕУ, националниот празник Илинден ќе го пречекаме со едно горко чувство на неправда, со изгубено достоинство, понижени и со неизвесна судбина за натамошниот тек во преговарачкиот процес и нашиот пат кон ЕУ.

„За жал, Македонците и во 21 век сè уште се борат за своите правдини. Но, пострашно е што Македонците во 21 век се борат за основното човеково право, правото на припадност на одредена нација и правото на употреба на свој мајчин јазик. Илинденското востание и формирањето на Крушевската Република се настани од поновата македонска историја кои го потврдуваат вековниот стремеж на македонскиот народ за формирање на своја самостојна и независна држава. За Македонија настапува еден турбулентен период, разединето општество, период во кој ни претстои борба за зачувување на македонскиот идентитет, јазик, историја, култура и заштита на македонските историски настани и личности. Со еден збор, мораме да сториме сѐ за да ги зачуваме македонските национални и државни интереси“, потенцира Димитриевски.

Во интервјуто, Димитриевски истакнува дека за некои прашања едноставно не се дискутира. Македонскиот јазик и идентитет не смеат да бидат предмет на разговор во каков било договор. Тоа се црвените линии преку кои не може да се помине. ДА за ЕУ, но таму да влеземе достоинствено, со крената глава, како македонски народ со сопствен македонски јазик. Тоа се основните цивилизациски придобивки и темелни вредности на ЕУ.

Во однос на прашањето дали Димитриевски има контакт со раководството на СДСМ, откако ја донесоа одлуката за негово исклучување, тој истакна дека сè уште е член на СДСМ.

„Процесот за моето исклучување од партијата, во согласност со статутот на СДСМ, не е завршен. Мојата определба е социјалдемократска, но политиката на актуелното раководство на СДСМ нема никаква допирна точка со основните вредности на социјалдемократијата. Во СДСМ владее една мала политичка елита, која е базирана на клиентелистички основи, личен интерес, без државна и национална стратегија и единствена определба и визија е како да се зачуваат сопствените фотелји. Всушност, СДСМ не е вистинската власт, туку е приврзок на ДУИ, кој ги диктира политиките на владата и е грубо кажано газда во Македонија. Контактите и комуникацијата, со дел од раководството на СДСМ, се сведени на минимално ниво и неколку министри, но исклучиво за обврски и проекти кои се поврзани со Општина Куманово и се интерес на граѓаните“, рече Димитриевски.

Тој информираше дека оваа година Општина Куманово ќе има своја делегација во Пелинце во согласност со претходниот добиен протокол од Собранието.

„На 2 Август нема простор за политика и политиканство, ќе оддадеме достоинствено почит на загинатите комити и партизани за независна Македонија. Како тоа ќе го сторат актуелните носители на функциите одзаконодавната и извршната власт кои ги изневерија вредностите на кои им се поклонуваат и дали држењето на говори од нивна страна, на овие за нас свети места, е гест на лицемерство, е прашања за нив кое што ќе ги следи цел живот“, изјави Димитриевски.