Македонија
18. September 2015 - 16:34

„Ден без автомобили“ во Неготино

Во организација на општина Неготино, Министерството за животна средина и просторно планирање, Европската делегација во Република Македонија и ЕУ Инфоцентарот во Скопје денеска во Неготино се спроведе активноста „Ден без автомобили“.

Настанот се одржа од 11 до 14 часот, а активностите се одвиваа на улицата „Партизанска“. Просторот пред единаесеткатницата до крстосницата со улицата „Цандо Кожинков“ беше затворена за сообраќај и резервиран за пешаци, велосипедисти и друг алтернативен транспорт.

Активностите почнаа со разгледување на поставената ликовна изложба на тема „Избери, промени, комбинирај“, а половина час подоцна свој придонес во заштитата на животната средина и користењето на алтернативните превозни средства дадоа и најмладите сограѓани во Неготино - дечињата од детската градинка „Фемо Кулаков“.

Од 12 до 14 часот, според програмата, ученици од основните и од средното училиште од градот, претставници на здруженија на граѓани, од Советот на млади и други заинтересирани возеа велосипед.

- Секој од нас, со својот избор на транспорт и со мала промена на секојдневните навики може да придонесе за поквалитетна животна средина, подобро здравје и поквалитетен живот, информира Министерството за животна средина и просторно планирање.