Македонија
15. August 2016 - 15:13

Делчевските играорци на фестивал во Јагодина, Србија

 Најмладите делчевски играорци од КУД „Гоце Делчев“ вечерва настапуваат на фестивалот „Летна сцена“ во Јагодина, Србија со што се продолжува 35-годишната традиција на учество на ова делчевско друштво на фестивалот во Јагодина.

Зенил Реџепов, кореограф на КУД „Гоце Делчев“ за МИА истакна дека со овој настап на младите играорци се продолжува традицијата и соработката со КУД „Каблови“ од Јагодина која се гради паралелно со збратимувањето на Делчево и Јагодина.

- Одлучивме, заедно со организаторот на фестивалот КУД „Каблови“ од Јагодина, оваа година во Јагодина да одиме со најмладите, односно со играорци до 11-годишна возраст. Тие да ја почувствуваат јагодинската публика, да се запознаат со играорците од „Каблови“, бидејќи оваа генерација играорци е таа која во иднина ќе ја гради понатамошната соработка со овој нашиот збратимен град, рече Реџепов.

Делчевските играорци неодамна се вратија од летната турнеја по Црноморското приморје каде настапија на два балкански фестивали во Поморје и во Бургас и ги освоија првите места на двата фестивала.

-Настапивме на фестивалот во Поморје, „Море од вино“ и во конкуренција од 10 балкански фолклорни друштва ја освоивме првата награда од жирито, а исто така, во Бургас на фестивалот „Моето насмеано лето“ во конкуренција на 15 балкански друштва ја освоивме првата награда од жирито. Премногу сме задоволни од настапите, посебно, бидејќи се претставиваме со сценска изведба на традиционалната Пијанечко-малешевска свадба, со сите адтеи, спремање на малдоженецот, на навестата, плетеницата кај навестата, рече Реџепов.

Тој додаде дека на покана на градоначалникот на општина Каменар од Бугарија настапиле, како победници и на отворањето на фестивалот во овој град.

Членовите на КУД Гоце Делчев“, интензивно се подготвуваат и за 10 –то издание на традиционалната „Пијанечко-малешевска свадба“ и за јубилејниот 40 Меѓународен феолклорен фестивал кои ќе се одржуваат во Делчево на почетокот од септември, а каде учество ќе земат 15 фолклорни друштва од земјава и странство.