Дебата за домашните наспроти странските инвестиции

Повеќето домашни компании се согласни што државата обезбедува субвенции за привлекување странски инвеститори, но добар дел од нив поради тоа се чувствуваат дискриминирано, беше речено на денешната дебата што ја организира Институтот за европска политика (ЕПИ).
Како што порачаа учесниците, неопходна е поголема транспарентност во однос на директната помош и грантовите кои ги добиваат странските вложувачи во земјава, а пред да се доделува каква било поддршка од ваков тип, мора да се направат детални, опсежни анализи и евалуации за очекуваните придобивки.
- Недоволно внимание се посветува на македонските инвеститори. Тие не можат или тешко добиваат помош за решавање на основните проблеми во работењето, а за привилегии како што имаат странските фирми не може воопшто да стане збор, посочи Ристо Карајков, изнесувајќи ги резултатите од истражувањето направено врз 268 менаџери во домашните компании.
Карајков додаде дека меѓу домашните и странските инвеститори постои само формално-правна изедначеност. Придобивките од СДИ главно базираат на вербални тврдења, отколку што се поткрепени емпириски.
- Ова е тема зад која најчесто застануваат политичките субјекти со тврдења дека има поволности за странците, а нема за нашите компании и обратно, додека конкретни, реални податоци и аргументи има и се изнесуваат многу малку, потенцира Карајков.
Според Весна Гарванлиева, која се осврна на анализите правени за периодот од 2007 до 2014 година врз основа на финансиските извештаи на компаниите во слободните зони, економскиот бенефит е позитивен за три од седум компании во зоните и изнесува околу 124 милиони евра. - Овие компании имаат мало влијание врз додадената вредност. Тие се извозно ориентирани, но најголемиот дел од инпутите ги увезуваат. Нивниот удел, пак, во вкупните странски директни инвестиции годишно варираат од 20 до 30 отсто, а учеството во извозот како релевантен показател почнува да се јавува од 2010 година и во 2014-та достига 27 проценти од вкупниот извоз, рече Гарванлиева.
Според неа, позитивните влијанија од странските инвестиции се одложени и треба да се очекуваат во подоцнежните години. Потребна е квалитетна анализа пред тие да се привлечат и за тоа, кои се очекуваните придобивки, заклучи Гарванлиева.
Пред почетокот на дискусијата се обрати британскиот амбасадор во Македонија Чарлс Гарет, подвлекувајќи го значењето на јавните дебати. Нема здрава демократија, напомена, без здрава јавна дебата на сите нивоа.
- Информациите, податоците и доказите се важни при креирањето на политиките. Им помагаат на лидерите да донесат правилни политички одлуки, на инвеститорите да донесат вистински одлуки за вложување, а на граѓаните да видат како се трошат парите, нагласи Гарет.
Дебатата на тема „Домашните наспроти странските инвестиции во Република Македонија: политики за поддршка и нивните ефекти“ е прва од предвидените три во рамки на проектот „Дијалози за визија“, поддржан од Британската амбасада во Скопје. Останатите две, како што беше најавено, треба да се одржат овој и наредниот месец.
Ново на Сител
-

Зеленски: Русија повторно ја гаѓаше нуклеарната централа Чернобил
-

Уапсени осум возачи за безобѕирно управување возило, пет биле без возачка дозвола
-

Првите полски туристи од Вроцлав слетаа на аеродромот во Охрид, почнуваат две нови авиолинии од Вроцлав и Катовице
-

Дарио Ивановски победник на „Охрид трчаТ“
-

Кривична за 29-годишен дебранец кој возел без возачка, пијан и ги нападнал полицајците
-

Николоски: За околу два месеци ќе добиеме модерен, проширен и целосно нов реконструиран аеродорм во Охрид
-

Реализирани над 65 проценти од проектот за реконструкција и проширување на охридскиот аеродром
-

ЈПДП потсетува дека од 15 јуни лентите за MTAG ќе бидат исклучиво за корисници со електронски тагови
