Свет
27. August 2021 - 20:39

Данска од 10 септември ги укинува сите мерки против Ковид-19

Од 10 септември Данска ги укинува сите рестрикции воведени поради пандемијата од Ковид-19, соопштија тамошните здравствени власти.

– Епидемијата е под контрола, имаме рекордно високо ниво на вакцинација, изјави данскиот министер за здравство Магнус Хеунике.

Данска е држава во која има едно од највисоките нивоа на имунизација во светот. Дури четворица од петмина Данци над 12 години се целосно вакцинирани. Токму ова е причината зошто Владата повеќе не го класифицира коронавирусот како „болест критична за општеството”.

– Владата вети дека нема да ги поддржи овие мерки подолго отколку што е потребно и ние сме сега во таа ситуација. Но, дури и ако моментно изгледа се добро, ние се уште не сме излезени од епидемијата, истакна министерот Хеунике.

Сепак, не е исклучена можноста од повторно воведување рестрикции доколку епидемиолошката состојба во државата повторно се влоши.

Бројот на пациенти во данските болници со Ковид-19 вчера изнесуваше 127. Вкупниот број на смртни случаи од почетокот на пандемијата достигна 2.573 лица.