Балкан
26. August 2017 - 15:25

Церар: Губењето на Балканот би било загуба за единството на Европа

Словенечкиот премиер Миро Церар предупреди дека ако земјите од Западен Балкан постепено не бидат примени во ЕУ, Унијата на некој начин ќе ги изгуби, „што ќе биде голем удар за европското единство“.

Во интервјуто за Блумберг, Церар истакна дека Словенија ќе направи се за да остане на истурена позиција во ЕУ во моментот кога во Унијата ќе почнат разговорите за натамошните интеграции.

Церар, чија земја се приклучи на еврозоната во 2007 година, истакна дека првите предлози за потенцијален заеднички буџет и еден министер за финансии за земјите кои ја користат заедничката валута, „мора да бидат темелно разгледани“.

Блумберг оценува дека Словенија останува меѓу најжестоките заговорници за понатамошно проширување на ЕУ со земјите од западен Балкан, потсетувајќи дека оваа земја е првата поранешна југословенска република која влезе во блокот, а потоа истото го стори и Хрватска, додека останатите балкански држави се надеваат на европска иднина.