Балкан
24. September 2019 - 23:05

Ангелкова: Загубите на бугарските хотелиери се милионски

По банкротот на „Томас Кук“, загубите за хотелиерите во Бугарија изнесуваат неколку милиони левови, изјави министерката за туризам на Бугарија, Николина Ангелкова, по средбата со бугарските хотелиери и туроператори.

Таа додаде дека во моментов многу е важно да се следи што се случува со подружниците на глобалната компанија, „за да не станеме жртва на домино ефектот“.

– Сите туристи кои дојдоа во нашата земја преку подружниците на „Томас Кук“ се директно засегнати. Ситуацијата е исклучително тешка, сигурно ќе влијае и на сезоната 2020. Во тек се преговори за летото 2020 година, рече министерката Ангелкова.

Според неа, ситуацијата е сериозна и во однос на хотелиерите, кои се соочуваат со ризик да не ги добијат своите уплати за веќе извршени услуги во јули и август.

Ангелкова рече дека гаранцискиот фонд на британската агенција за цивилно воздухопловство ги гарантира плаќањата на оние туристи кои во моментот се во Бугарија, како и од денот на објавување на банкротот.

Таа вети дека ќе направат се што е можно за да им се овозможи на луѓето што платиле за своите екскурзии да ги реализираат, како и успешно да се вратат во своите домови.