Македонија
5. April 2021 - 13:22

Адвокатите на Мијалков негираат дека незаконита била набавката на шпиунскиот софтвер за УБК

Одбраната во предметот Трезор тврди дека Сашо Мијалков и тројцата поранешни началници од УБК не сториле кривично дело при набавката на шпиунски софтвер за следење на електронските комуникации. Во својот завршен збор адвокатите наведуваат  дека извештајот на обвинителството доставен од полицијата на Велика Британија, покажал дека Мијалков и останатите обвинети немале директен контакт со компанијата од која МВР го набавило софтверот. Ниту имале средба со претставници на фирмата ниту пак имале електронска комуникација.

За одбраната неосновано е тврдењето на обвинителството дека Мијалков побарал набавката на компјутерскиот софтвер да се прави преку домашната компанија Финзи, бидејќи како што наведуваат, УБК немало право на јавни набавки. Тоа било должност на посебен сектор во МВР. Опремата ниту можела директно да се купи од англиската компанија, бидејќи како што тврди одбраната, Финзи ги имала правата во Македонија за продажба на шпиунскиот софтвер.

Адвокатите негираа дека Мијалков и останатите обвинети предизвикале штета врз државниот буџет. Од вештачењата се утврдило дека парите кои ги добила компанијата Финзи целата сума ја потрошила за купување и одржување на опремата, а нејзините финансиски извештаи не покажале екстра профит.  

Во случајот Трезор обвинети се екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, шефот на неговиот кабинет, Тони Јакимовски, тогашниот помошник министер во МВР, Небојша Стајковиќ и поранешниот началник на петтата управа во МВР, Горан Грујевски.

Според обвинителството, набавката на опремата за следење на комуникациите била незаконска бидејќи обвинетите првин ја договориле зделката со фирмата од Велика Британија, а потоа ја ангажирале домашната компанија Финзи па дури потоа МВР распишала оглас за јавна набавка.

Обвинетите се товарат за злоупотреба на службената положба и според обвинителството предизвикале штета врз државниот буџет од над половина милион евра.

 
 
Зоран Јаневски