Администрацијата на Трамп ги нарекува градовите предводени од демократите „воени зони“

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп го прогласи Чикаго за „воена зона“ за да може таму да испраќа војници, додека припадниците на Калифорниската Национална гарда се распоредени во Портланд, Орегон, уште еден град предводен од демократите, и покрај блокадите на судовите.
– Тоа е воена зона. Неговиот град е воена зона, а тој лаже за да можат криминалците да влезат и да ги уништат животите на луѓето, изјави министерката за внатрешна безбедност Кристи Ноем за „Фокс њуз сандеј“, осврнувајќи се на градоначалникот на Чикаго, Брендон Џонсон, кој ги осуди „неуставните мерки“.
Ноем тврди дека бандите, картелите и другите „познати терористички организации“ нудат награди на демонстрантите за да се соочат со агентите на американската Служба за имиграција и царина (ICE).
Трамп во саботата потпиша наредба за испраќање 300 припадници на Националната гарда во Чикаго за „заштита на федералните агенти и имотот“, соопшти Белата куќа.
Демократите ја критикуваа одлуката, вклучувајќи го и Дик Дарбин, сенатор од Илиноис, државата каде што Чикаго е најголем град. Тој верува дека републиканскиот претседател не сака да се бори против криминалот, туку „шири страв“.
– Тие се оние што го претворија овој град во воена зона, изјави демократскиот гувернер на Илиноис, Џ.Б. Прицкер, за Си-Ен-Ен во неделата, опишувајќи ги рациите и повикувајќи војниците да се повлечат.
Гувернерот во соопштение ја нарече одлуката на Белата куќа „инвазија на Трамп“.
– Нема никаква причина да се испраќаат војници во Илиноис или во која било друга држава без знаење, согласност и соработка на локалните власти, се додава во текстот.
Анкета на Си-Би-Ес објавена во неделата покажува дека 58 проценти од Американците се против испраќање на Националната гарда во американските градови.
Трамп веќе испрати војници во Лос Анџелес, Вашингтон и Мемфис во последните месеци, секој пат со противење од локалните власти.
Таквата одлука за Портланд е привремено блокирана од две судски одлуки. Федералната судијка Карин Џ. Имергут нагласи во првата пресуда дека „немало бунт или закана за националната безбедност“ во градот.
Гувернерката на Орегон, Тина Котек, во неделата објави дека контингент од 101 припадник на Националната гарда од Калифорнија е распореден во нејзината држава и покрај првата пресуда, принудувајќи го судот да издаде втора пресуда за запирање на распоредувањето на трупи од Калифорнија во Портланд.
МИА
Ново на Сител
-

Исполнета квотата за вработување во Германија според Западнобалканската регулатива
-

ГП Евзони (Богородица) блокиран за влез и излез
-

Гласот на вековите: Свети Климент Охридски меѓу својот народ
-

Тешко повреден возач во возило кое излетало од патот кај Марена
-

Пожарникарите од Кавадарци спасија куче од водите на реката Луда Мара
-

МВР: Уште една измама со лажна сообраќајка, 82-годишна скопјанка измамена за 170.000 денари
-

Грчките земјоделци ги интензивираат активностите – дополнителни блокади низ целата земја
-

Честитка од претседателот на Социјалистичката партија по повод празникот Св. Климент Охридски
