Свет
15. September 2023 - 8:15

Зеленски ќе го посети Вашингтон по Генералното собрание на ОН

Украинскиот претседател Володимир Зеленски планира да го посети Вашингтон по неговиот планиран говор на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, пренесе ДПА.

За наредната недела планирани се средба со американскиот претседател Џо Бајден во Белата куќа и разговори со членовите на Конгресот во Капитол, информираа „Вашингтон пост“, Блумберг и Си-Ен-Ен, повикувајќи се на владини извори.

Сè уште не е јасно дали Зеленски ќе се обрати во Конгресот како во декември 2022 година.

Според извори од политичкиот сајт Punchbowl News, неговото патување во Вашингтон е планирано за следниот четврток.

За време на посетата, украинскиот претседател се очекува да побара континуирана поддршка за неговата земја во војната против Русија.

Зеленски последен пат го посети Вашингтон во декември 2022 година, се состана со Бајден и се обрати во двата дома на Конгресот во Капитол. САД обезбедуваат воена помош за Украина повеќе од кој било друг сојузник во војната против Русија.

Според Институтот Киел за светска економија, Вашингтон веќе обезбедил повеќе од 70 милијарди долари.