Македонија
15. May 2024 - 16:41

Запален службениот автомобил на директорот на Идризово- оштетена и блиската зграда

Целосно изгоре службениот автомобил на директорот на затворот Идризово, Зоран Јовановски. Според полицијата, во 3 часот утринава било пријавено дека во скопската населба Кисела Вода е запален автомобил „фолксваген пасат“. Веднаш било итервенирано од страна на противпожарната бригата и возилото било изгасено

Од Јавното обвинителство велат дека по увидот прибраните траги ќе бидат предмет на вештачење за да се утврдат причините за опожарувањето.
Директорот на затворот Јовановски за Сител кратко ја потврди информацијата но кои се причините за инцидентот и дали добивал некакви закани не сподели. За среќа никој од станарите во зградата не се повредени.

Големиот пламен од запалениот автомобил, се проширил кон стамбената зграда ...изгорени се балконите до четвртиот кат...
Соседите не сакаа да говорат јавно но велат се уште вознемирени, најпрво слушнале пукање, а кога излегле од домовите виделе страшна слика – пламените јазици од запалениот автомобил се ширеле и кон зградата пред која бил паркиран автомобилот. 

Ова не е првпат да да бидат запалени возила на функционери од затворот Идризово. Мета на непознати сторители беше и автомобилот на командирот, Африм Реџепи пред неговиот стан, кој ваквиот случај тогаш го оцени како напад врз државата.

Лани во април запален беше службениот автомобил на заменик директорот на затворот Идризово, Феми Јонузи. Неколку дена подоцна запален беше автомобил во сопственост на чувар во затворот паркиран во семејниот дом во скопско Ново Село. Два месеца подоцна запалено беше и возилото „Рено клио“,во сопственост на 50 годишен затворски стражар, во населбата Илинден. Кој стои зад ваквите инциденти и која е причината не се соопштува.