Loading Video...
Балкан
20. April 2024 - 16:41

Вучиќ и се „заблагодари“ на Македонија што е коспонзор на резолуцијата за Сребреница

Српскиот претседател, Александар Вучиќ, првпат јавно ја коментираше одлуката на Македонија да биде еден од коспонзорите на резолуцијата за прогласување на 11 јули како Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница. Во телевизиско гостување рече дека предлог-резолуцијата за Сребреница е идеја на Германија поддржана од најмоќните членки на НАТО, вклучувајќи ги и САД.

„Најдоа и неколку земји кои отсекогаш биле спонзори на вакви проекти, како Малезија и Јордан. Гледам дека им се придодава и Северна Македонија, на основа на одлуката пред се на албанското раководство. Потполно е сеедно чие е, станува збор за Северна Македонија,така што нема голема филозофија. Им благодарам за тоа што го направија, веројатно сме заслужиле со сè што направивме за пријателството со Северна Македонија“ – Александар Вучиќ, претседател на Србија

Според Вучиќ многу повеќе земји ќе гласаат против резолуцијата и нагласи дека исходот од гласањето нема да биде онаков каков што очекува Западот.

На оваа тема српскиот претседател денеска разговарал и со Американскиот државен секретар за европски и евроазиски прашања, Џејмс О'Брајан. Тој, пак, рече дека бил дел од тимот што ги истражувал убиствата. Вели направено е злосторство и многу сторители беа истражени и осудени

„Мораме да се соочиме со вистината. И тогаш бевме партнери и понатаму треба да бидеме партнери“ - Џејмс О'Брајан, Американски државен секретар за европски и евроазиски прашања

Во меѓувреме, Европската Унија го осуди негирањето на геноцидот во Сребреница на митингот во Бања Лука.

„Оспорувањето на детално утврдените факти за геноцидот во Сребреница е историски неточно, создава дополнителна болка и траума за семејствата на жртвите и ја отежнува клучната задача: изградба на мостови и помирување“, се вели во соопштението на Делегацијата на ЕУ во Босна и Херцеговина.

Пред два дена македонскиот министер за надворешни Османи рече дека лично одлучил Македонија да биде една од земјите иницијатори и автори на резолуцијата за геноцидот во Сребреница, што предизвика лавина негативни реакции во домашната јавност.