Македонија
21. March 2024 - 16:46

Вработувањето на кандидатите за судии и обвинители оди на проверка во Антикорупциска

Вработувањето на академците за идни судии и обвинители оди под лупа на антикорупциска. ВМРО-ДПМНЕ смета дека Академијата постапува спротивно на Изборниот законик, па бара антикорупционерите да испитаат дали во време на избори може да се вработат 130 кандидидати.

„Сметаме дека тоа ќе влијае на изборниот процес и наместо Академијата да произведува кадри кои што утре ќе ги почитуваат правата и законите, за жал излегува дека Академијата е главниот прекршител на правото во овој момент“, изјави Ружица Николовска, ВМРО-ДПМНЕ.

Со приговорот се потсетува дека по распишување на изборите, треба да мируваат сите постапки за вработување во државните институции. Партијата бара антикорупциска да оформи предмет и да иницира постапка за утврдување одговорност.

Во Академијата, не гледаат пречка за вработување на новите слушатели за судии и обвинители. Полагањето на испитите ќе завршело до средината на мај, а роковите за приговори и жалби ќе траеле до крајот на јули. Во писменото известување прогнозираат дека процесот ќе го забават одморите, па вработувањето на кандидатите би се случило на крај од летото.

„Академијата очекува правните лекови да предизвикаат мал застој во постапката, но имајќи предвид дека се наближува судската ферија, можно е повторно да настане мал застој. Рок во кој најрано може да се очекува кандидатите да склучат Договор за вработување е месец септември“, се вели во известувањето од Академијата за судии и јавни обвинители.

Став за огласот за вработување побаравме и од владејачката СДСМ но не одговорија.

Уписот на новата генерација судии и обвинители се спроведува според нов закон за кој беше откриено дека има грешка за бодување на кандидатите.