Македонија
23. November 2022 - 21:18

Владата иницира постапка за одземање на државјанството на Александр Онишченко

Владата ја информира јавноста дека согласно членот 14 од законот за државјанство побара да се започнат активности за поништување на решението за прием во државјанство на Северна Македонија за лицето Александр Онишченко. Владата го иницираше барањето за одземање државјанство на Онишченко по одржаната владина седница на која АНБ информираше за случајот.

Постапката значи одземање на државјанството и поништување на личната карта и пасошот на Онишченко.

Одлуката на Владата доаѓа откако на отчет беше повикан директорот на АНБ, Виктор Димовски чие сведочење пред собраниската комисија беше прекинато поради протекување на аудио запис во живо на собранискиот канал. 

Спикерот Џафери ја суспендирал комисијата но за да може МВР да утврди како настанал пропустот а не за намерно одлагање на отчетот. 

- Мора да знаеме како се случи тоа. Дали е случајно, дали е човечка грешка, дали некој прислушкувал - тоа МВР ќе си утврди. Го чекаме нивниот извештај. Ние како Собрание немаме можност да направиме таков стручен надзор, рече Џафери на брифинг со новинарите.

Опозицијата пак бара оставка од Димовски и за овој случај, но и за тоа дека не назначува директор на внатрешна контрола во АНБ што му овозможува неконтролирано да ги користи оперативците. Од ВМРО-ДПМНЕ се сомневаат дека безбедносниот инцидент од комисијата за надзор на АНБ кога тонски протече отчетот на Димовски на јутуб, иако седницата беше затворена е намерно инициран од власта.