Македонија
12. October 2015 - 17:03

Вицепремиерот Владимир Пешевски во поплавените подрачја во кумановско - Локалните власти да направат тимови за проценка на штетите

Вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски денеска го посети Куманово и направи увид во состојбата со поплавените подрачја во текот на изминативе денови предизвикани од обилните врнежи. Тој заедно со пратеникот Зоран Ѓорѓиевски и со неколку функционери од државните органи  ги слушна маките на граѓаните кои мака мачат да ја испумпаат водата од своите подрумски простории. Пешевски рече дека причините секако дека се врнежите, но и ненавременото чистење на каналите од локалната власт, како и несовесноста на граѓаните кои фрлаат ѓубре во реката.

- Она што е потребно од страна на Центарот за управување со кризи , на Дирекцијата за заштита и спасување се спроведува како активности на терен, на едно место интервениравме да дојдат дополнителни пумпи да може полесно и побрзо да се расчисти теренот, по слегнувањето на водата ќе настојуваме да изнајдеме решенија доколку е можно тоа технички да се намали ризикот за повторување на оваа ситуација , изјави Владимир Пешевски, вицепремиер задолжен за економски прашања

Оштетените граѓани се жалеа дека освен територијалната противпожарна единица од куманово, ниту една друга институција, ниту пак локалната власт им излегле во пресрет.

Вицепремиерот пешевски при денешната посета на Куманово апелираше до локалната самоуправа побрзо да ги формира комисиите за проценка на штета и да излезат на терен. Во меѓувреме, Владата ќе продолжи да помага со доставување на нафта наменета за механизацијата која  ги расчистува речните корита во Куманово, како и во останатите градови.