Македонија
20. March 2024 - 12:17

Уште една кривична за Мерко

За неполн месец, струшкиот градоначалник Рамиз Мерко доби второ обвинение. На неговото конто, обвинителството во Струга му припиша и несовесност во работењето. Обвинет е за незаконоско назначување на в.д директор за основното училиште во Лабуништа. Лицето за кое Мерко го ставил потписот ниту била вработена во школото, ниту пак искуство во образованието.

„Обвинетиот како службено лице во јануари 2022 ги повредил законските прописи за совесно постапување при именувањето на врштиел на должност – директор на општинско основно училиште во Лабуништа. Притоа, донел решение и за вршител на должноста именувал лице кое не било од редот на вработените, како што е предвидено со Законот за основно образование и немала соодветно работно искуство во воспитно-образовна работа“, појаснуваат од обвинителството.

Со таквата постапка, од обвинителството велат дека Мерко овозможил лицето речиси две години да добива плата како в.д директор и била нанесена штета на училиштетот. 

Струшкиот градоначалник е обвинет е и за набавката на луксузниот општински автомобил од близу 70 илјади евра. Предметот го формираше обвинителството за организиран криминал и корупција, а сега е во рацете на струшкото обвинителство. Предметот ќе се суди во судот во Струга.

Двете обвиненија за Мерко следат откако американските власти, струшкиот градоначалник го ставија на црната листа заради вмешаност во корупција и влијание врз судии. 

Според Кривичниот законик, делата за кои е обвинет првиот човек на општината во Струга се казнуваат со затвор од најмалку три месеци до максимални пет години.