Македонија
11. January 2016 - 16:49

Три пати поголем број на заболени од овчи сипаници во Куманово

Зголемен бројот на деца со овчи сипаници во Куманово. Во Центарот за јавно здравје во декември биле евидентирани 86 заболени, скоро три пати повеќе од претходниот месец. Најголем број од децата кои се заразиле со варичела одат во градинка и на училиште. Повеќето се од урбана средина.

- Периодот на инкубација на вирусот е од 10 до 20 дена. Се манифестира со појава на осип, кој започнува од стомакот и се шири кон вратот, екстремитите и главата. Меурчињата не треба да се допираат за да се одбегне контаминација. Болеста завршува со појава на крастички кои отпаѓаат за десетина дена,  изјави д-р Јадранка Стаменковска, епидемиолог во кумановскиот Центар за јавно здравје.

Лекувањето на крупните сипаници според лекарите трае од две до три недели во домашни услови.

-Најчесто поминува со лесна клиничка слика, во период од две до три недели. Се препорачува хигиено-диететски режим, често проветрување на просториите, мирување и изолација на заболените, додаде д-р Стаменковска.

Од кумановскиот центар за јавно здравје велат дека ја следат состојбата и очекуваат до крајот на февруари уште повеќе да се зголеми бројот на новозаразени деца, бидејчи се работи за сезонско заболување. Во Скопје и во други градови исто така се регистрирани по неколку случаи на варичела , но далеку помалку од претходните години.