Македонија
10. March 2024 - 21:34

Технологијата и прекумерната употреба - главни проблеми за проблеми со говорот кај децата

Расте бројот на деца кои имаат проблем со говорно јазичниот развој и правилното изразување. Современиот и брз начин на живот и недоволната стимулација се едни од главните причини поради кои голем број деца имаат одредени проблеми со говорот.

Гордана Арапова која работи како логопед во градинката Виножито во Струмица вели дека голем удел во сето ова има и развојот на технологијата и нејзината прекумерна употреба уште од рана возраст. Опсервацијата што била направена во нивната градинка во две средни и две големи групи со 120 деца покажала дека речиси половината имаат говорно јазично отстапување.

Логопедите апелираат до родителите кои ќе забележат било какво отстапување во развојот кај децата да не чекаат и навреме да реагираат. Според нив раната интервенција може многу да помогне во понатамошниот развој.

Во насока на подобар развој беше отворена и сензорната соба во градинката Виножито која е трета по ред во Струмица. Според логопедите овие соби се многу важни бидејќи истите не се наменети само за децата кои имаат атипичен развој туку помагаат и за сите други кои имаат уреден развој но е забележано некое сензорно отстапување.