Бизнис
10. јуни 2016 - 13:49

Средба со одгледувачи на говеда во Кочанско

Во организација на Мрежата за рурален развој во Македонија и Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството, подрачна единица во Кочани, денеска се одржа средба со одгледувачите на говеда од општините Кочани, Зрновци и Чешиново Облешево.
 
На средбата главна тема на расправа беше појавата на болеста јазлеста кожа кај говедата и заштита  од неа.
 
- Средбата ја организираме со единствена цел да ги запознаеме одгледувачите на говеда од кочанскиот регион со појавата на болеста јазлеста кожа и превентивните мерки. Во соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство ја следиме состојбата со оваа болест кај говедата и во рамките на нашите надлежности организираме средби со сточарите. За таа цел подготвиве брошура и флаер кои ги дистрибуираме меѓу сточарите, ни изјави Весела Ламбевска Домазетовска од  Мрежата за рурален развој во Македонија.
 
Ристо Огненов од Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството регионален центар од Штип истакна дека во неколку општини во Источна Македонија, меѓу кои и во штипско,  веке ја има оваа болест за што веќе се вакцинираат говедата. Радува податокот што во Кочанско нема појава на болеста јазлеста кожа.
 
За сточарот  Бранко Митев од село Соколарци, оваа средба е од особено значење бидејќи, како што рече, ќе може да се информираат изворно за болеста, појавата и заштитата на говедата. Стоката што ја одгледувам, додаде, редовно ја  вакцинирам и задоволен сум од грижата на државата за сточарите, посебно со добивањето на субвенциите.
 
Пред присутните одгледувачи на говеда од Кочанскиот регион за болеста јазлеста кожа и мерките за заштита од неа зборуваше професор др. Методија Трајчев од Факултетот за земјоделски науки и храна.