Македонија
28. October 2016 - 13:51

Средба Николиќ-Иванов: Преку дијалог да ја унапредуваме соработката во сите области

Средба Николиќ-Иванов: Преку дијалог да ја унапредуваме соработката (ДПЛ)

Белград, 28 октомври 2016 (МИА) – Македонија и Србија во изминатите 20 години од воспоставувањето на дипломатските односи, успеаја да изградат искрени пријателски односи и континуиран и одличен политички дијалог, како и заеднички интерес и заеднички заложби да ја унапредиме соработката во сите области, истакна претседателот Ѓорге Иванов по денешната средба со српскиот претседател Томислав Николиќ.

Српскиот претседател истакна дека на средбата со Иванов констатирале дека политичките односи меѓу Србија и Македонија се многу добри и дека во овој период, преполн со различни предизвици, покажале дека преку соработка и разговор може да се спречат и да се надминат сите тешкотии, јави известувачот на МИА од Белград.

- Наша желба е односите меѓу двата народа и двете држави и натаму да се градат на темелите на заемно почитување и разбирање: иста вера, сличен јазик и блиското заедничко потекло, рече српскиот претседател додавајќи дека неговата порака е дека нема стабилна Србија без стабилна Македонија и дека Србија секогаш ќе  биде потпора на својот сосед.

Иванов и Николиќ на средбата повторно го покренале прашањето за склучување билатерален договор за заштита и користење на културно-историските споменици и обележја на териториите на двете држави. Иванов, како што кажа, смета дека склучувањето на ваков договор ќе биде од заемен интерес и очекува двете влади неодложно да почнат да работат и да формираат работни групи со цел негово усогласување. На регионот, каде има премногу историја, според македонскиот претседател, му треба заемно почитување, дијалог и проактивност. – Треба да се насочиме кон иднината, без разлика што имаме отворени и различни позиции по некои прашања, рече Иванов.

Српскиот претседател рече дека би требало да се зачува практиката на заедничко одбележување на одредени датуми и да се направат дополнителни напори на одржување на спомениците и војните гробишта. Николиќ се заблагодари за гостопримството при неодамнешното одбележување на 100-годишнината од битката на Кајмакчалан, туку и другите важни датуми од српската историја, како што се Кумановската битка, пробивањето на Солунскиот фронт и заедничката борба против фашизмот во Втората светска војна.  

Од македонскиот претседател Иванов, Николиќ како што рече, побарал Македонија принципелно да ја поддржи Србија со гласање против членство на Косово во УНЕСКО.

Иванов, пак, истакна дека по изборите на 11 декември Македонија ќе има нова Влада која што ќе согледа што претставува државен интерес и интерес на граѓаните и во зависност од тоа ќе ја донесе одлуката. – Се надеваме дека таа одлука ќе биде во интерес на сите, рече македонскиот претседател одговарајќи на новинарско прашање.  

Двајцата претседатели разговарале и за последните случувања во регионот, за мигрантската криза, за заедничките безбедносни предизвици, за европските перспективи на двете земји и за економската и трговската соработка.

Иванов, коментирајќи ги последните настани во глобални и регионални промени, рече дека во однос на мигрантската криза повтори дека е неопходна е соработката на безбедносен план затоа што голем дел од странските терористички борци ги користат мигрантите да се пробиваат до европските земји.

Николиќ, во однос на промените во регионот, рече дека судирот меѓу ЕУ и Руската Федерација се пренел на одредени држави во регионот, и тоа може да влијае на односите на овие држави. – Сметам дека кога ќе се стабилизира Владата во Хрватска, кога ќе завршат изборите во Македонија дека ние повтрно ќе тргнеме на зацртаните патишта на соработката, рече Николиќ, бидејќи доколку не соработуваме, додаде, ќе не „сомеле“ ситуацијата во светот.  

Иванов најави покренување на проектот за канал Дунав-Морава-Вардар, за што е заинтересирана и соседна Грција.

- Постои интерес повторно да се оживее таа идеја затоа што најголем дел од трговијата одела по речен пат. За нас и за регионот тоа ќе претставува извонредна можност не само што ќе овозможи да проаѓаат голем дел од стоките од Азија за Европа, преку нашиот воден тек ќе овозможи и превенција од поплави и од големите водени токови во сезоните. Ќе влијае на земјиштето каде што немаме наводнување со дигање на нивото на водата, делува на земјоделството, на климатските промени на локално ниво, рече Иванов. Треба да се направи, кажа Иванов и студија која ќе ја покаже и економската исплатливост.

Но за овој проект, додаде, се потребни десет години а финансиската проекција засега изнесува 17 милијарди, ако има интерес од концесија и странски инвеститори. Иванов рече дека со солунскиот градоначалник Јанис Бутарис се во постојана комуникација и оти тој го промовира тој проект во Грција.

Николиќ смета дека овој проект е историска шанса и оти треба да се поврзат трите држави преку речно течение, кое сега не постои, да се намали за илјада километри пловниот пат и да се избегне преоптеретеното пристаниште Констанца.

Тој исто така рече дека српското малцинство во Македонија и македонското малцинство во Србија се вистински најважен мост за соработка меѓу двете земји.

Што се однесува до економската соработка потенцијали за натамошен развој се инфраструктурата и енергетиката, трговијата и земјоделството.

Македонскиот претседател во Белград ќе се сретне и со српскиот премиер Александар Вучиќ.

Во рамки на работната посета доцна попладнево ќе биде одржан македонско-српски бизнис форум на кој ќе учествуваат дваесетина македонски компании од фармацевтската, прехранбената, металната, градежната индустрија, како и од областа на информатичките технологии, графичките дејности и транспортните услуги. На отворањето на бизнис форумот во Белград, ќе се обратат претседателите Иванов и Николиќ, како и претседателите на Стопанските комори на Македонија и на Србија.

Македонскиот претседател Иванов е во работна посета на Белград и Панчево по повод одбележувањето на јубилејот „70 години од доселувањето на Македонците во Војводина“.