Македонија
29. March 2024 - 16:58

Села носител на листа во петката од Европскиот фронт – утре ќе потпише договор со Ахмети

Некогаш жестокиот соперник на Ахмети, Зијадин Села, сега ќе биде носител на листата во 5-та изборна единица како дел од Европскиот фронт. Лидерот на интегративците потврди дека утре во Гостивар ќе ја официјализира коалицијата со крилото на Села. Коалицијата не била предизборна, туку долгорочна со јасна цел - членство во ЕУ.

Ахмети не смета дека екипирањето на Европскиот фронт со помали политички партии и движења е потврда дека ДУИ ја губи моќта, туку дека ќе работеле да завршат се што не било реализирано.

А ДУИ преку коалиција и со Движењето на Турците во Македонија ќе се обиде да обезбеди пратеник и во третата изборна единици. Откако потпишаа дека заеднички ќе се борат и помалите етнички групи да ги добијат сите права, Ахмети потврди дека Сулејман Баки ќе биде носител на листа во тројката.

Од албанската опозиција пак реагираат дека целта на ДУИ е да го продолжат мандатот на техничката влада на чело со Талат Џафери. Велат, ДУИ во руско сценарио бара лек за изборниот пораз. 

- Знаеме дека исплашеното раководство на ДУИ и нивните коалициони другарчиња се подготвени на различни предизборни далавери, но треба да земат предвид дека на секој обид за спречување на слободно, фер и демократско гласање на Албанскиот народ, жестоко ќе одговориме. Ништо не може да ги спречи промените, велат од Коалицијата Вреди.