Македонија
27. March 2024 - 16:46

Се заокружуваат предизборните коалиции

Демократската партија на Турците не се договори со ВМРО-ДПМНЕ и на изборите ќе оди заедно со ДУИ. Лидерот Илјас денеска во Тетово го стави потписот на договорот за коалиција со Ахмети. Не штедеше пофалби па лидерот на ДУИ го нарече архитект на нашата иднина.

Ахмети кој претходно вакви договори потпиша со уште неколку човек партии, сега е фокусиран на коалиција со Села. Неофицијално му понудил да биде носител во петката и уште 4 добитни пратенички места за што Села ќе решава на партискиот состанок закажан за утре. И додека партиски извори тврдат дека коалицијата со Села е завршна работа, Ахмети денеска воздражан.

„За мали работи ние никогаш не сме им штетеле на големите проекти. Не е се во бројките, станува збор за филозофија, за визија, за иднината“

Дали е до бројките или не на Села не му значи многу бидејќи сам на избори не може да оди. Партискиот печат е кај Таравари а судскиот спор е далеку од епилог. Албанската опозиција му нуди решение

„Знаеме дека одамна е договорен да служи исклучиво на интересите на Али Ахмети. Затоа и го направи расколот во Алијанса. Искрено жалиме што Села и Лога ги ставија личните пред интересите на Албанците кои јасно и недвосмислено се определени да го испратат ДУИ во опозиција. Ако случајно се премислат, ќе ги добијат печатите на Алијанса за Албанците за пратенички листи за самостоен настап“

Нова коалиција денеска и во македонскиот политички блок. Она што се најавуваше пред неколку дена, денеска доби и официјален потпис на хартија. Стевчо Јакимовски влезе во коалиција со Интегра и Самка Ибраимовски.

Во изминатите денови сведочевме на серија прелети од коалицијата на СДСМ кон ВМРО-ДПМНЕ. Дресот го сменија Павле Трајанов, Стојанче Ангелов и уште неколку мали партии.

Оние кои останаа, денеска и официјално потпишаа договор со СДСМ за заедничка како што ја нарекоа Коалиција за европска иднина откако вчера, нов партнер на Ковачевски му стана Ивон Величковски.

Предизборните коалиции може да се кројат до 3 април кога истекува последниот рок за доставување на пратеничките листи во ДИК.