Македонија
11. April 2024 - 16:38

Прв пат во историјата на македонското здравство, 18 хируршки сали биле затворени

Стотина пациенти наместо на хируршки интервенции биле вратени дома, здравствени работници два дена немале пристап до операционите сали. Од 7 до 9-ти овој месец целиот хируршки блок на скопските клиники не функционирал поради технички дефект. Болни кои биле припремани претходниот ден за операција, дополнително ќе го преживуваат стравот чекајќи повторно да бидат повикани од хирургот. За ова сведочи и скопјанец кој се јави во Сител, реагирајќи дека неговата сопруга е една од многуте кои ќе чекаат втора шанса за операција.

-На хируршките клиники сите биле подготвени за операција, и мојата сопруга и сите и во еден момент велат нема операции. Подготвени, неподготвени..Пациентите беа доведени во ситуација да им се одложат операции и да бидат пуштени дома со напомена дека дополнително ќе бидат повикани. Тоа техничката служба што е за задолжена за салите очигледно не си ја завршила добро работата, вели сопруг на пациентка. 

Операционите сали од вчера повторно се во функција, но кој ќе одговара за овој голем и сериозен проблем кој ги загрози и пациентите и медицинските лица.

-За прв пат во историјата на македонското здравство 18 хируршки сали два дена не работеља поради технички проблем. Од Министерството за здравство велат овој случај да не се злоупотребува во политички цели и сите официјални информации да ги добиваме од МЗ. Меѓутоа, три дена здравствените власти не излегоа во јавноста да кажат зошто се одложуваат операции на пациенти, туку одговорија денеска кога побаравме официјално објаснување.

Проблемот бил во компресорската станица потврдија од службата за Заеднички работи кои се задолжени за опремата и од каде велат дека од 7 кога бил пријавен проблемот салите биле ставени надвор од употреба. Биле оштетени два цилиндри и по отстранување на дефектот, по два дена хируршките клиники биле известени дека можат да функционираат, велат од Заеднички служби.

На ден 07.04.2024 година околу 16 часот пријавен е проблем со компримиран воздух во објект Хирургија, по што операционите сали беа ставени вон употреба. Повикана е фирмата со која ЈУ од областа на здравството има договор за одржување на опремата, направена е проверка на опремата во компресорската станица и утврдено е оштетување на два цилиндри. По направената дефектажа и утврдување на проблемот, пристапено е кон отклонување на дефектот и на ден 09.04.2024 година околу 13 часот добиена е потврда дека системот може да се користи, по што за истото беа известени и Хируршките клиники.

Од здравство пак, преку соопштение велат дека два дена биле одложени само елективните операции поради дефект на еден од компресорите, а биле примани итни случаи за хируршка интервенција. Прашање е каде ги оперирале, ако заеднички служби велат дека салите биле надвор од употреба.

Министерството за здравство информира дека поради дефект на еден од компресорите во тек на два дена беше одложен елективниот програм, а не итните случаи за операција на пациенти. Не е точна информацијата за наводен колапс на Клинички центар.

Се работи за дефект на еден од компресорите поради што многу инструменти зависат од притисок кој го генерираат пумпите, затоа во тек на два дена елективниот програм, а не итните случаи беа одложени. Проблемот е саниран, а со кислородот немало никаков дефект. Во вторникот е реализирана средба со директорите на Градската општа болница „8 Септември“, ТОАРИЛУЦ, Клиниката за дигестивна хирургија, КАРИЛ кадешто е постигнато усогласување и во тек е усвојување план како ќе се одвива кохортацијата на пациенти кога ќе почне реновирањето на КАРИЛ.

Компресорската станица требала да биде променета уште пред 3 години. Во тек се активности на министерот за здравство за проверка на сите компресорски станици во Клинички центар и брзо ќе се пристапи кон промена на сите компресори кои се дотраени.

Апелираме јавноста да се информира исклучиво од Министерството за здравство, а информациите да не се злоупотребуваат од политичките партии со цел собирање на политички поени.

Исто така здравствените власти признаа дека оваа компресорка станица требало да биде променета уште пред три години и затоа сегашното раководство во МЗ ќе прави проверка на сите вакви станици.