Loading Video...
Свет
9. May 2024 - 12:22

Преглед на вестите од светот

Русија ја одбележува победата на Советскиот Сојуз над нацистичка Германија во Втората светска војна. Се одбележуваат 79 години, во време додека односите со Западот се подлабоко во криза поради напредувањето на руските трупи против силите на Украина поддржани од Западот.

Претседателот Владимир Путин и голем број странски шефови на држави беа на Црвениот плоштад во Москва на почетокот на годишната парада на Денот на победата, а свечености се одржуваат во уште 28 градови во Русија.

Покрај Путин, на парадата присуствуваа и претседателите на Казахстан, Лаос, Гвинеја-Бисао, Таџикистан, Киргистан, Белорусија, Туркменистан и Куба.

Невообичаено за овој дел од годината е студено во Москва, со снег кој почна да паѓа со почетокот на парадата.

На 9 мај Европа ја слави годишнината од „Шумановата декларација“, која го даде првиот поттик на она што доведе до создавање на денешната Европската Унија.

 Тогашниот француски министер за надворешни работи Роберт Шуман на 9 мај 1950 година ја промовираше идејата за нова политичка соработка во Европа како средство за драстично намалување на можностите за нова војна меѓу европските народи, што подоцна стана позната како „Шуманова декларација“.

Дополнително, во 1960 година Европскиот парламент го прогласи Шуман за „Татко на Европа“. Денот на Европа e прогласен за празник на ниво на ЕУ и е неработен ден за вработените во европските институции. Меѓу членките на ЕУ, 9 мај е државен празник само во Луксембург, додека во Романија тој се поклопува со Денот на независноста на земјата. По повод на Денот на Европа, ЕУ и нејзините институции секоја година организираат настани и манифестации за одбележување на празникот.

Кинескиот претседател Си Џинпинг синоќа пристигна во Будимпешта во државна посета на Унгарија на покана на унгарскиот претседател Тамаш Суљок и премиерот Виктор Орбан. Унгарија е последниот дел од актуелната шестдневна европска турнеја на Кси, која го однесе и во Франција и Србија. Сегашната посета на Кси на Унгарија ја означува неговата прва државна посета на оваа европска земја во својство на шеф на кинеската држава. Инаку кинескиот претседател имаше средби со српскиот претседател Александар Вучиќ и со францускиот Емануел Макрон.

Американскиот претседател Џо Бајден синоќа за прв пат јавно го предупреди Израел дека САД ќе престанат да го снабдуваат со оружје доколку израелските сили извршат голема инвазија на Рафа, град полн со палестински бегалци во јужниот дел на Газа. Коментарите на Бајден ја претставуваат неговата досега најсилна јавна изјава во напорите да го одврати израелскиот напад врз Рафа, истовремено укажувајќи на растечкиот јаз меѓу САД и нивниот најсилен сојузник на Блискиот Исток.

Бајден призна дека Израел користел американско оружје за убивање цивили во Газа, каде Израел започна седуммесечна офанзива со цел да го уништи Хамас. Во израелската кампања досега се убиени 34.789 Палестинци, од кои повеќето цивили, објави Министерството за здравство во Газа.