Loading Video...
Свет
15. April 2024 - 12:19

Преглед на вести од светот

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш потсети синоќа, дека актите на одмазда кои вклучуваат употреба на сила се забранети според меѓународното право.  

Гутереш, говорејќи на состанокот на Советот за безбедност на ОН, им рече на земјите-членки дека повелбата на ОН забранува употреба на сила против територијалниот интегритет или политичката независност на која и да држава и го осуди нападот на Иран врз Израел и предупреди од натамошна ескалација. САД рекоа дека ќе работат на тоа Техеран да одговара пред ОН.

Иран лансираше низа беспилотни летала и проектили кон Израел, како одмазда за израелскиот напад врз иранскиот конзулат во Дамаск, во кој загинаа седум офицери на Револуционерната гарда. Тоа беше првиот директен напад на Иран врз Израел од негова територија во историјата.

Иранската мисија во ОН во текот на ноќта меѓу 13 и 14 април објави дека воена акција против Израел била иницирана во согласност со член 51 од Повелбата на ОН, како одговор на израелскиот напад врз иранскиот конзулат во Дамаск.

Околу 99 отсто од ракетите, беспилотните летала и крстаречките ракети лансирани за време на одмаздничката операција на Иран биле соборени или пресретнати, објавија израелските одбранбени сили (ИДФ). Некои сепак успеаја да поминат низ израелската одбрана.

Американските сили, со поддршка од разорувачи на европската команда на американската војска, уништија повеќе од 80 беспилотни летала и најмалку шест балистички ракети насочени кон Израел од Иран и Јемен во саботата и неделата, објави денеска Централната команда на САД.

По повеќечасовниот состанок на израелскиот воен кабинет не е донесена конечна одлука за големината или времето на израелскиот одговор на синоќешниот ирански напад.

Според портпаролот на израелската армија одлуката ќе биде донесена во следните 24 часа. Тој наведе и дека одобрени се оперативни планови и за офанзива и за дефанзива.

Претходно, „Њујорк тајмс“ објави дека Бајден го одвратил Нетанјаху да одобри итен одмазднички напад против Иран. Според весникот, неколку членови на воениот кабинет на Израел биле за итен одговор, но поради што иранскиот напад не предизвикал сериозни штети, Нетанјаху бил разубеден од Бајден.

Русија погоди неколку украински воени цели, вклучувајќи системи за противвоздушна одбрана и складишта за муниција, додека Украина нападна позиции на руски војници и воена опрема истиот ден, според нивните најнови ажурирања за конфликтот. Украинците тврдат дека целта на Русија е да го заземат Часив Јар до 9 мај. Часив Јар во регионот Доњецк се наоѓа на 5-10 километри од Бахмут, разурнатиот град што го зазедоа руските сили во мај минатата година по неколкумесечни крвави борби.