Македонија
19. March 2024 - 16:36

Обвинителите бараат Уставен да им ги врати коефицинетите за пресметка на плата

Законот кој го скрати покачувањето на платите за обвинителите ќе оди на Уставен. Советот на јавни обвинители смета дека намалувањето на коефициентите било неуставно и политички мотивирано. Велат, нивните плати се заштитени со закон и забрането е да се намалуваат.

„Финансиската независност на правосудните органи, меѓу кои и јавното обвинителство е клучна во процесот на унапредувањето на независноста и самостојноста на јавните обвинители кои пак се одраз на спроведувањето на правото и правдата како и заштита на човековите слободи и права. За да се зачува положбата и статусот на јавните обвинители, ние како совет сметаме дека платата на истите и како и платата на јавните обвинители треба да биде надвор од секакви влијанија“, изјави Душица Димитриеска, Претседател на Совет на јавни обвинители.

Советот на денешната седница одлучи законот за плати да го оспори пред Уставниот суд. Најгласен во аргументирањето беше Иџет Мемети кој пред да стане член на обвинителскиот совет работеше како народен правобранител, уставен судија, а беше и министер за правда.

„Законот за плати не е системско решение, туку решение пред избори. Се работи за нееднаква положба и невоедначен пристап. Се зборува за борба против корупција и треба солидна плата за да не ја прават корупцијата“, говореше на седницата Мемети. 

Од кратењето на коефициентите за пресметка на плата незадоволни се и судиите. И тие бараат Уставниот суд да го разгледа законот за кој сметаат дека ја нарушувал независноста на судската власт.

Инаку, намалените коефициенти не значат и пониски плати. Заради растот на просечната, сепак платите на судиите и обвинителите ќе пораснат за околу 50 евра.