Македонија
26. August 2016 - 17:56

Ушковски: СЈО ја крши презумпцијата на невиност

Со театралните прес-конференции и детален опис на делата за предмети кои се уште се во предистражна постапка, Специјалното јавно обвинителство на секаков начин ја повредува пресумпцијата на невиност. Поранешниот претседател на Судскиот совет, Бранко Ушковски во изјава за Сител вели дека неколкупати досега добронамерно му укажувал на СЈО дека ваквите постапки се против Уставот и законите на Македонија, но секогаш неговите изјави биле погрешно толкувани. Како позитивна ја оценува последната писмена изјава на тимот на Катица Јанева дека во интерес на истрагата во иднина нема да се откриваат детали поврзани со лицата и постапките, но смета дека е неопходно ова и навистина да се спроведе во пракса.

Нелогични се и се позачестените барања Собранието да изнајде начин да го продолжи мандатот на Специјалното обвинителство со цел да се завршат истражните постапки, со оглед на тоа што Јанева уште на самиот почеток без никакво образложение од својот тим избрка две обвинителки. Во оваа насока Укошвски смета дека наместо продолжување на рокот, доколку Специјалното обвинителство има потреба од кадар за завршување на постапките, повторно треба да ги ангажира Лејла Кадриу и Марија Ѓорѓева.

Според Ушковски засега не треба да се шпекулира какво влијание ќе има досегашно противуставно дејствување на Специјалното обвинителсто врз правната завршница на предметите. Вториот шестмесечен извештај за своето работење, Јанева треба да го достави до крајот на септември.