Бизнис
13. јуни 2016 - 19:47

На 15 ти јуни истекува рокот за трансформација на правото на сопственост

Во среда истекува рокот до кој поранешните сопственици на градежно неизградено земјиште можат да се стекнат со право на сопственост над имотот. Од Катастарот апелираат граѓаните кои не поднеле барање да побрзаат, и да ја искористат последната можност да ги приватизираат овие парцели.

- Со измените на Законот за приватизација и закуп на градежното земјиште во државна сопственост од септември 2015 година со повеќе законски решенија значително ја поедноставивме постапката за приватизација на градежното земјиште. Една од позначајните новини беше создавањето можност градежното неизградено земјиште кое не е опфатено со акти за урбанистичко планирање, а на кое право на користење имаат физичките и правни лица врз основа на Заклучок донесен од Управата за имотно правни работи, Агенцијата за катастар на недвижности да изврши промена на правото на користење во право на сопственост, рече директорот на Управата за имотно правни работи Зоран Крстаноски на денешната прес-конференција во Агенцијата за катастар.

Надлежните потенцираа дека после 15ти јуни ќе се бришат сите запишани кориснички права на градежното земјиште. По ова, неприватизираните парцели преминуваат во целосна сопственост на државата.

-Рокот за поднесување на пријавите истекува на 15 јуни 2016 година и тоа е последната  можност за трансформација на корисничките права на градежното земјиште. Токму поради тоа 15 јуни е почетокот на крајот на егзистирањето на корисничките права на градежното земјиште, бидејќи  согласно законските одредби Катастарот после овој датум нема да  запишува нови кориснички права, рече Зоран Крстаноски, директор на Управа за имотно правни работи

Најголем проблем за граѓаните во последните 9 месеци било обезбедувањето на доказ од општините, дека не се води постапка за легализација на објект којшто се наоѓа на овие парцели. Од Катастарот информираат дека доказот ќе може и дополнително да го  достават.

Од септември лани па досега, речиси 1450 граѓани граѓани ја искористиле можноста и го трансформирале корисничкото право во право на сопоственост.