Свет
27. August 2021 - 8:39

Нигерија: Ослободени десетици киднапирани ученици, шестмина загинаа во заробеништво

Десетици ученици од едно приватно муслиманско училиште во западниот дел на Нигерија, кои беа киднапирани пред три месеци, се ослободени, а шестмина загинале во заробеништво, изјави вчера директорот на училиштето.

На 30 мај, околу 200 тешко вооружени мажи го зазедоа градот Тегина и киднапираа 136 ученици од приватното муслиманско училиште „Салиху Танко“. Во Нигерија, од декември минатата година се случија серија масовни киднапирања во училиштата и универзитетите.

Шестмина ученици од Тегина загинале во заробеништво, а 15 успеале да избегаат во јуни, истакна директорот на училиштето Абубакар Алхашан.

– Сите ученици се ослободени. Ги враќаме дома. Не можам сега да го кажам точниот број. Ќе утврдиме кога ќе се вратат дома. Но, ниту еден од учениците веќе не е заробен, истакна Алхашан, кој не соопшти детали околу ослободувањето на децата.

Во северозападниот и централниот дел на Нигерија, се зголемува бројот на напади, масовни киднапирања и разбојништва извршени од криминални групи кои ги нарекуваат „бандити“. Но, оваа година напаѓачите се насочени кон ученици и студенти за кои бараат откуп.

Околу илјада ученици и студенти се киднапирани од декември 2020 година, кога разбојниците почнаа да напаѓаат училишта. Повеќето се ослободени по преговорите, но стотици други се држат во кампови скриени во шумите.