Македонија
4. April 2024 - 16:33

Нема нови мерки за голема кашлица по денешниот состанок на Комисијата за заразни болести

Комисијата за заразни болести не препорача нови мерки за спречување на ширењето на големата кашлица. Остануваат на сила епидемиите со пертусис во Скопје и Куманово. Бројката на заболени во главниот град надмина 300. Засега состојбата во другите градови била под контрола.

- Центрите за јавно здравје ја следат епидемиолошката состојба и доколку има значаен пораст, самите центри пријавуваат епидемија за регионот што го контролираат, велат од министерството за здравство.

На денешниот состанок на КЗБ било заклучено да продолжат да важат истите мерки меѓу кои во градинките во цела држава да не се примаат невакцинирани деца со ДиТеПер, а ДСЗИ да врши засилени контроли.

Но, и покрај ова последните две недели намален е интересот за вакцинација во скопските центри, а околу 7000 деца останаа некомплетно имунизирани.  Ако по прогласувањето на епидемијата во Поликлиниката Букурешт имале и по над 120 деца дневно за вакцина , деновиве тој број е 20-30.

- Веќе изминатите 2 недели се врати старата состојба и дневните бројки на вакцинирани деца се движат од 20-30 дневно. Ние и понатаму работиме во две смени, изјави д-р Сања Цилевска Младеновска, педијатар во Поликлиниката Букурешт.

Што се однесува за препораката на КЗБ против голема кашлица да се вакцинираат и трудници во третиот триместар, досега тоа го направиле само 3 бремени жени, а државата минатиот месец набави 50 вакви вакцини.