Македонија
6. April 2016 - 14:33

Началникот на ГШ на АРМ Величковски во посета на командата на КФОР во Приштина

Делегација на Армијата на Република Македонија (АРМ) предводена од началникот на Генералштабот на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски, се наоѓа во еднодневна официјална  посета на командата на КФОР во Приштина.

За време на посетата, соопшти денеска Министерството за одбрана, остварена е средба со командантот на КФОР, генерал-мајор Џулиелмо Миљиета, на која е разговарано за актуелната безбедносна состојба во регионот, активностите околу справување со безбедносните предизвици и мигрантската криза, како и соработката на АРМ со силите на КФОР. Истакнато е дека и покрај одличната соработка помеѓу АРМ и силите на КФОР, постои можност за нејзино проширување во понатамошниот период.

Началникот на ГШ на АРМ генералот Величковски имаше средба и со амбасадорот на Република Македонија во Косово Илија Страшевски.

Во контекст на меѓусебната соработка, се посочува во соопштението, на почетокот на оваа недела во посета на АРМ престојуваше главниот наредник на КФОР Амедео Русо кој оствари средба со главните подофицери на АРМ и обиколка на армискиот полигон Криволак каде беа презентирани можностите кои ги овозможува полигонот за изведување обука.                        

Од јуни 2007 година во составот на Командата за логистичка поддршка на АРМ функционира координативниот центар за поддршка на земјата домаќин, чија основна задача е координација со силите на КФОР при царинските и граничните процедури на транспортот, вклучувајќи и други потреби на КФОР од доменот на логистичкото обезбедување, со што АРМ посредно учествува во мисијата КФОР.