Македонија
2. March 2017 - 14:15

Мрчела: Судиите мора во потполност да бидат одвоени од политиката

Судиите мора во потполност да бидат одвоени од политиката и не смеат да искажуваа никакви свои политички определби, бидејќи со тоа го губат впечатокот за непристрасност. Ова го истакна судијата во Врховниот суд на Хрватска и претседател на Групата држави против корупција (ГРЕКО), Марин Мрчела на денешното предавање за етика пред слушателите на почетната обука од 6-та генерација на Академијата за судии и обвинители „Павел Шатев“.

Посочи дека од големо значење за судиите и обвинителите е непристрасноста. - За непристрасноста не е важно само тоа како судијата  се однесува во судницата, туку и надвор од неа. Тука не е само односот со луѓето кои се појавуваат како што се на пример адвокатите, туку и појавувањето во јавноста во било кој облик, рече Мрчела.

Што се однесува до етиката за судиите, тој посочи дека за нив важат повеќе критериуми отколку за другите луѓе, затоа што судиите се чувари на законитоста и граѓаните им се обраќаат на судиите како на последни кои одлучуваат за нивните права и слободи.

- Затоа постои изреката „ако не можеш на судиите да им веруваш, тогаш на кого. За да му веруваш на судијата тогаш мора да се има доверба во него, а доверба може да се има во судијата единствено ако тој со своето однесување покажува не само почитување на законитоста, туку и непристрасност и најголеми морални доблести, истакна Мрчела.

Како најголем проблем кој неодамна се појави, Мрчела го посочи проблемот со коментирањето на судиите на друштвените мрежи и на фејсбук за политичките случувања. - Јас мислам дека е лошо судиите тоа да го прават, затоа што веднаш се ставаат на една или на друга страна, додаде судијата Мрчела.

Триесет и седум слушатели од  шестата генерација на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ вчера ја почнаа 24-месечната почетна обука на која стручно и професионално ќе се усовршуваат за судската и јавно-обвинителската професија.