Македонија
9. April 2024 - 16:40

Може ли преку „Мој Термин“ родителите да добиваат потсетување за вакцинација на децата?

Имаат ли механизми здравствените власти да ги мотивираат и потсетуваат родителите да не ги пропуштаат задолжителните вакцини на децата.? Ако епидемијата на голема кашлица беше причина да бидат пополнети илјадници празни места во картоните со ДиТеПер, сеуште има околу 10 000 деца во државата кои се нецелосно имунизирани против пертусис. По потпишување на Декларација на медицинските авторитети за поддршка на вацкинацијата, следен чекор е како да стигнеме и одржуваме колективен имунитет.

-Мој Термин потсетува со СМС пораки за кога е закажан прегледот, значи има начини. Велите преку Мој Термин? Па има начини, Мој Термин е под министерството за здравство и ќе најдат начин како да се ажурираат тие податоци и да бидат потсетник, вели проф. д-р Калина Гривчева Старделова, претседател на Лекарска Комора.  

Додека надлежните бараат модалитети, бројот на заболени со голема кашлица секојдневно расте. Денес скопскиот центар за јавно здравје регистрирал 5 нови случаи, а заразени има и во десетина градови низ внатрешноста.

Големата кашлица ја има во повеќе европски земји каде регистрирале и смртни случаи а најмногу заразени за период од една година пријавила Хрватска- повеќе од 6 000.