Македонија
4. February 2018 - 21:20

Мицкоски се сретна со коалициските партнери од „За подобра Македонија“

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денес (04.02.2018-та година) оствари средба со коалиционите партнери од коалицијата „За подобра Македонија“.

На средбата се разговараше за актуелната политичка состојба, случаите на политичките притисоци и реваншизам, како и размена на мислења околу актуелните теми врзани со предизвиците на надворешната политика, спорот за името, и евроатланските интеграции.

На состанокот беше заклучено дека државата се движи во погрешен правец, и кон континуирано економско и политичко слабеење.

Евидентни се политичките притисоци кои ги прави актуелната власт, пресметката и реваншизмот кој се спроведува врз политичките неистомисленици. Во Македонија во 21 век има лица кои се мета на политички прогон, и лица во притвор поради изразено мислење, и тоа е елементарен показател за недостатокот на демократски капацитет кај новата влада.

Беше посочено дека владата треба да се откаже од намерата да донесе неуставен и неприменлив закон за јазици. Воедно тоа е и закон кој ги става и припадниците на другите заедници во подредена состојба, менувајќи го карактерот на државата.

Се истакна дека во однос на спорот за името суштествено важно е владата која ги води разговорите да ги запази државните и националните интереси и да води грижа за заштита на македонскиот идентитет кој треба да остане непроменет.