Македонија
4. May 2024 - 16:48

Мицкоски и Меџити го обвинуваат ДУИ за притисоци кон гласачи, Џафери на партиски настан во владиниот мерцедес

Преку притисоци, закани, уцени и поткуп Мицкоски тврди дека ДУИ се обидуваат да се спасат од пораз. Известени се меѓународните набљудувачи, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ очекува зголемено присуство и на полицијата на 8 мај.  

- До претставниците на меѓународната заедница, до ОБСЕ и ОДИХР доставивме список на избирачки места каде во определен временски период гласањето во просек е помалку од една минута што наведува на тоа дека таму имаме бројни нерегуларности, односно полнење на кутии и на тие избирачки места чудно, но вистинито фингерпринт не работеле.

Очекуваме нешто слично да се случува и во вториот круг, но ние сме подготвени. Го информиравме Министерството за внатрешни работи да го засили своето присуство таму. Генерално станува збор за избирачки места во скопски Чаир, Липково, Арачиново и.т.н, рече Мицкоски.

За полнење кутии во Липково во првиот круг од изборите обвинува и Меџити од Колацијата ВРЕДИ, за што вели дека има и пресуда од Управниот суд. Меџити сепак е убеден дека ова нема да ги спаси ДУИ од пораз и сигурна опозиција. 

И додека сите ги испраќаат во опозиција, Европскиот фронт предводен од ДУИ е убеден во победа. Денеска за прв пат прес конференција одржа Талат Џафери, кој на партискиот настан пристигна со владиниот мерцедес, но на граѓаните вели дека им се обраќа како кандидат за пратеник. 

На партиите и коалициите им остануваат уште два дена од предизборната кампања за да ја придобијат довербата од граѓаните. Парламентaрните избори заедно со вториот круг од претседателските ќе се одржат во среда.