Македонија
18. March 2024 - 19:48

Математички непресметливо бодување за идните судии и обвинители

Нов закон и нови проблеми за Академијата за судии и јавни обвинители. Бодувањето на практичниот испит за кандидатите стана математички непресметлив. Писмениот дел се бодува со 70, усмениот со 35, а законот предвидел дека максимално, можат да се освојат 100 бодови.

Ваквото бодување е дел од законот за Академија за судии и јавни обвинители кој беше изменет пред неполн месец. Дека збирот на двата дела од испитот е неточен, пресметало и Mинистерството за правда. Решението ќе го бара со сите оние кои не забележале  дека резултатот е поголем од 100.

Министерството за правда констатираше дека има аритметичка грешка во членот 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Академија за судии и јавни обвинители која за жал не беше препознаена ниту од наша страна, ниту од законодавството при Генералниот секретаријат во Владата ниту пак од пратениците на дебатата во комисииите и Собранието.
Министерството за правда заедно со Академијата за судии и јавни обвинители и Собранието работат на изнаоѓање решение.

Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека грешката е направена од брзање. Велат, кандидатите се доведени во правна несигурност при бодувањето и кончената ранг-листа.

Од академијата се без конкретен одговор за грешката со бодувањето која е дел од новиот закон. Инаку, со него, се дозволи квалификацискиот тест за идните судии и обвинители да се полага и на хартија, ако нема услови за електронски испит.