Македонија
15. March 2024 - 12:23

Мариовци излегоа на протест

Мариово се запоставува и комплетно уништува веќе 60 години. Тука се прави брутален егзодус. Редно е државата да се заинтересира за оваа област и овие луѓе. Со овие пораки денеска Мариовци излегоа на протест и го блокираа регионалниот пат Прилеп-Витолиште кој е единствената врска на Мариово со светот. Велат дека Маирово и преостанатите 100-тина жители се буквално заборавени од сите. А секогаш оправдувањето на сите досегашни власти била „Таму нема луѓе, зошто да инвестираме?“

„Катастрофа. Овој простор е оставен надвор од сите димензиии и зафати на некакво уредување на животот, струја, вода“, вели Тренчо Димитриоски, Иницијативен одбор за поттикнување на развојот на областа Мариово – Прилеп.

Во Мариово во 21 век нема основни услови за живот. Нема превоз, по селата нема патишта, нема вода, за канализација не станува ниту збор. Дури и кога ќе настане дефект нема струја и по цела недела.

„Одам таму имам пчели, нема превоз. Од Прилеп до Витолиште таксито ми зема по 1.600 денари во правец. Тоа се 3.200 денари за да отидам таму и да се вратам назад“, рече Стојан Ристески, жител на Витолиште.

„Не се води ред никаков ниту за здравство, ниту за струја, луѓево и ако имаат некое јадење во фрижидерите им се расипува бидејќи нема струја и по цела недела. Порано имаше и амбуланти и лекари, сега ништо. И како да не се селат луѓето, насила ги иселија“, додаде Дано Даркоски, жител на Витолиште.

Жителите велат државата ги крши законите и нивните основни човекови права.

„Законски обврски имаат, да го одржуваат патот, да уредуваат здравство, да следат социјала, да ги следат проблемите на земјоделците, на пчеларите, на сточарите, на рибарите. Тоа е регулирано во посебните закони. Ако тие законските обврски не ги прекршуваат што следи? Како да ја решиме нивната одговорност“, кажа Димитриоски.

Мариовци се заканија дека ќе ги радикализираат мерките доколку и понатаму никој не презема ништо за оваа област.