Македонија
21. April 2024 - 16:32

Македонија станува увозно-зависна земја за храна - Лани потрошени милијарда евра за увоз на храна

Македонија се помалку произведува храна. Само лани сме дале скоро 1 милијарда евра за увоз. За 10 години увозот на храна е зголемен за фрапантни 88%. Во 90-тите сме имале 660.000 хектари обработливо земјиште сега тоа е помалку од 500.000. Од околу 2 милиони овци сега имаме околу 500.000 грла, од 250.000 грла говеда бројката е падната на не повеќе од 100.000. Земјоделците велат потребни се гарантрирани цени за да се стопира овој тренд.

„Бараме како што е тутунот, еве на пример склучив договор со гарантирани цени. Па ми одговара пример, така што лани имав 50 декари, годинава планирам да посадам 60 декари. Значи гарантирана цена, склучен ми е договор, спрема цените бо одлучувал дали да садам и да проиозведувам или не“, изјави Беџет Исламоски, земјоделец од прилепското село Канатларци.

Од друга страна за 15 години сме потрошиле како држава околу 1.5 милијарди евра за субвенции, а резултати нема. Според професорот Драги Димитриески од Земјоделскиот факултет од Скопје потребна е комплетна промена на земјоделската политика.

„Сето ова значи доведува да тие средства да завршуваат како средства со кои што на некој начин се чува социјалниот мир, а не одат во она што требаше вистински да се оствари, да се обезбеди конкурентност. Да се инвестира во модернизација на земјоделските стопанства, набавка на механизација, набавка на опрема, реконструкција на хидросистемите“, изјави професорот Драги Димитриески од Земјоделскиот факултет од Скопје.

Исто така било потребно и окрупнување на земјоделците.

„Малите земјоделски стопанства да на некој начин ги организираме на еден друг начин преку земјоделските задруги однсно кооперативите или здруженијата на производители, организации на производители, да го изнајдеме кој е тој најповолен модел“, истакна Димитриески.

Филип Димкоски агрономот и професор во СОУ „Орде Чопела“ од Прилеп пак смета дека прво треба поддршка за малите земјоделски стопанства, а окрупнувањето да дојде постепено.

„Имаме многу мал број на население, голем број на млади кои се иселени, тоа е премногу административно комплицирано да се направи тоа окрупнување на поседите. Така што сметам дека решението е во поттикот на малите земјоделства на малите стопанства“, истакна Филип Димкоски, агрономот и професор во СОУ „Орде Чопела“ од Прилеп.