Ракомет
11. јуни 2017 - 10:06

Квалификации за СП (ж): Мундијалскиот сон заврши уште на Кале

Женската ракометна репрезентација на Македонија доживеа вистински дебакл во првиот бараж натпревар за пласман на Светското првенство. Вечерва во СРЦ „Кале“, македонските ракометарки загубија од Шведска со 20:31 (9:12).
 
Македонија успеа да и парира на Шведска само во првата половина од првиот дел кога резултатот на семафорот беше 5:5. Потоа гостинските прв пат создадоа предност од три гола (5:8), па иако Македонија возврати со два гола, до крајот не успеа да ја оспори победата на фаворитките.
 
Второто полувреме мина во целосна доминација на Швеѓанките, кои победија со двоцифрена разлика и реваншот за три дена го направија само формалност.
 
Елена Ѓорѓиевска со седум гола беше најдобрата во македонската репрезентација, додека кај Шведска три ракометарки постигнаа по четири гола.