Македонија
22. March 2024 - 16:55

Кривични пријави против увозникот и цариникот за случајот со мобилните телефони

Цариникот кој замижа пред комбето полно со луксузни телефони и фирмата увозник заработија кривични пријави од царината. Управата се сомнева дека сториле кривично дело Царинска измама.

Кривичната пријава против правното лице и управителот е поднесена поради основано сомнение дека пријавениот сторил кривично дело „Царинска измама“, на начин што пријавениот се обидел да увезе стока што се разликува од стоката во царинската декларација која била оцаринета и со тоа нанел штета на Буџетот на РСМ. 

Цариникот од испоставата Аеродром кој го пропуштил возилото е суспендиран од работното место. За него царинската управа во кривичната навела дека дозволил фимрата увозник да плати помала царина за телефоните.

Со неизвршување на својата службена должност, не постапил согласно важечките закони и прописите на Царинската управа и овозможил наплата на царински и други давачки во помал износ отколку што реално требало да се наплати и со тоа нанел штета на Буџетот на РСМ.

Од царината не откриваат колкава штета предизвикале цариникот и фирмата увозник, но нема информации ниту колку мобилни се откриени.

Шверцот на луксузните телефони го откри полицијата, откако при вонредна проверка на веќе царинетата роба, пристигнала инфомрација дека во возилото се превезува и дрога. По заедничката контрола, царината утврди дека скапите мобилни биле увезени како половни, па за нив била платена и пониска царина.