Македонија
28. March 2024 - 18:23

Крилото на Села на АА оди во коалиција со Европскиот фронт, очекува најмалку пет пратенички мандати

Крилото на Алијанса за Албанците предводено од Зијадин Села на претстојните избори ќе биде дел од Европскиот фронт, коалицијата предводена од ДУИ. Одлуката, како што изјави Села, е донесена едногласно, на денешната седница на Централното собрание на партијата.

-Завршивме со седницата на Централното собрание на АА како што најавив за точките на дневен ред, требаше да донесеме неколку одлуки, меѓу кои за шеф на Изборниот штаб беше избран Тирон Јајага, заменик министерот за одбрана. Одлучувавме и за понудата од страна на Европскиот фронт, јас веќе ги објаснив позициите на АА - делегатите едногласно одлучија, еден беше против, и четворица возржани за АА да биде дел од Европскиот фронт, дел од одговорностите што треба да ги преземеме, за да нашата иднина биде уште подобра, рече Села.

Прашан за понудата од ДУИ за пристапување во Европскиот фронт Села рече дека очекуваат да добијат најмалку пет пратенички мандати.

-Бројот на пратеници ги одредува народот, гласачите, а не политичките партии. А ние сме се договориле во оваа коалиција, АА да ја зачува парламентараната група во Собранието. Но како резултат на гласањата од гласачите, овие бројки може и да се зголемат. Европскиот фронт ќе биде апсолутен победник на изборите. Од друга страна АА ќе има минимум парламентарна група, рече Села.

Тој пред седницата посочи дека Алијансата за Албанците била доведена во ситуација денеска да одлучува или да биде дел од некоја коалиција или да ги бојкотира изборите бидејќи, имајќи ги во предвид, како што наведе, проблемите кои им се случија во врска со печатот на партијата и спорот во судот, бидејќи роковите за да одат со независни листи се веќе поминати. Доколку и ги добијат печатите на партијата овие денови, Села, вели, најмалку осум дена треба да поминат се додека стане правосилна таа одлука.

Расколот во АА настана кога лидерот на партијата Арбен Таравари објави дека Алијанса за Албанците на претстојните парламентарни избори ќе настапи заедно со опозицискиот блок на Албанците во земјава, односно со Беса, Алтернатива и Демократско движење. Села, пак, возврати дека партијата не е консултирана и дека тие ќе одат на избори самостојно. Двете крила потоа одржаа посебни конгреси. На конгресот на крилото на Алијансата за Албанците предводено од Таравари, тој беше реизбран за претседател на партијата. На конгресот на крилото на Села, што се одржа неколку дена подоцна, Таравари беше разрешен од претседателската функција, а Села избан за претседател на партијата.

Во Европскиот фронт, коалицијата предводена од ДУИ веќе пристапија ДПА на Мендух Тачи, Европската бдемократска партија на Аријанит Хоџа, Демократската партија на Турција, Народното двбижење на Скендер Реџепи Зејд и денеска Унија на Ромите.