Македонија
9. May 2024 - 8:05

Гордана Силјановска Давкова победи на претседателските избори

Со победа на Гордана Силјановска Давкова и на ВМРО-ДПМНЕ, според првичните резултати на ДИК завршија претседателските и парламентарните избори во земјава. Сите учесници на изборите, како и членовите на Државната изборна комисија оценија дека изборите минаа во фер и демократска атмосфера.

По преброени 99,82 отсто од гласачките ливчиња, Силјановска Давкова освои 560.170 гласови (65,14%), а нејзиниот противкандидат Стево Пендаровски од СДСМ 251.541 (29,25%). Силјановска Давкова е првата жена претседател во земјава. Во изјавата дадена на синоќешната прес-конференција во Централниот изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ, таа вети дека ќе биде претседател на сите грѓани.

-Јас тврдам дека ќе се однесувам како претседателка на сите граѓани. Тоа значи на сите етнички групи, на сите членови на партиите, на оние кои не се во партиите, бидејќи не може ниту еден претседател да трага по единство, ако држи партиски линии, изјави Силјановска Давкова.

Кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Сиљановска Давкова е победник во вториот круг од претседателските избори. По преброени 95 отсто од гласачките ливчиња, Сиљановска Давкова освоила 524.658 гл

Таа потенцираше дека ќе ги брани државните и националните интереси и упати честитка до граѓаните, бидејќи, како што рече, покажаа граѓански имунитет, граѓанска отпорност на притисоците.

-Оти да повикувате на бојкот е партиски и политички притисок. Да одите по домовите со списоци е исто така политички и партиски притисок. Значи, се одважија македонските граѓани без оглед на етничката, верската, социјалната и каква било положба да излезат стамено, достоинствено, стоечки и да го дадат гласот на оној на кој што сакаат, рече таа.

Силјановска Давкова, оцени и дека нема поголема промена од тоа за прв пат во нашата држава да има претседател жена.

-Има ли поголема промена од таа за првпат во оваа државичка, држава, жена да стане претседател? Има ли поголема инспирација за умните жени – нема. И јас мислам дека со мене, држете ме до збор, кога ќе се опкружам со жени слични на мене, жени по моделот на Вацлав Хавел, субверзивни, свои, стамени, кои умеат да изразат став на свој начин, на поинаков начин од машкиот, да го бранат, тоа е некаков голем исчекор и тоа е за мене реформски чекор, потенцираше меѓу другото, таа.

Противкандидатот поддржан од СДСМ и Коалицијата кој се тркаше за втор мандат, Стево Пендаровски им честиташе на победниците и им посака успешна работа во следните четири, односно пет години, наведувајќи дека резултатите се јасни и оти нема намера подетално да ги образложува.

-Мојот коцепт за мултиетничка Македонија целосно интегрирана во евро-атлантските структури за жал не доби поддршка. Длабоко сум уверен, дека само таква Македонија може да биде успешна, и мојата совест е чиста, но не верувам дека им е чиста на оние кои,  тргнувајќи од тесно партиски и лични интереси, денеска ефективно спречија илјадници граѓани да го земат и второто ливче и да гласаат за преседателските избори, рече Пендаровски осврнувајќи се на бојкотот на претседателските избори.

Прашан дали за поразот се виновни СДСМ, тој кажа дека долги месеци пред да ја најави втората кандидатура, кажал дека е битно да се има партиска поддршка, бидејќи живееме во држава која е силно партизирана.

-За жал, партократските елити ден денеска се посилни од таа граѓанска компонента да ја наречам, не само во изборниот процес туку во нашиот политички живот воопшто и ми беше битно да видам во каква кондиција ќе биде коалицијата од 15 политички партии предводена од СДСМ, значи уште пред Нова година на последните сондажи знаев дека не се во онаа кондиција во која биле пред пет или 10 години. Меѓутоа, анализите кои покажуваа дека мојот личен рејтинг е над рејтингот на таа политичка партија и над рејтингот на таа коалиција си дадов за право да имам надеж да се надевам дека можам да бидам рамноправен натпреварувач во оваа трка, рече Пендаровски.

Тој се осврна и на бојкотот на претседателските избори и оцени дека стотици илјади граѓани биле оневозможени на системски, плански, на организиран начин да земат второ ливче.

-Јас сум убеден како што реков и по првиот изборен круг дека оние 330 илјади гласови кои отпаднаа од првиот круг дека се далеку поблиску до мојот политички концепт за ваква Македонија за која се залагам не само во изборна кампања, туку целиот мој живот практично, дека се поблиску до мене отколку до концептот кој го заговараше противкандидатката. Меѓутоа, повторно од за мене непознати причини верувам од теснопартиски интереси направија таква калкулација и на организиран начин ги попречија луѓето да гласаат и за претседател. Со тие претпоставени стотици многу над стотици илјади гласови трката ќе беше далеку, далеку понеизвесна, оцени тој.

Според него, не ги добил гласовите по онаа анализа првична што ја направиле и од албанската опозиција, бидејќи, вели Пендаровски, тие имаа сличен пристап кон своите гласачи, неколкумина видни функционери гласаа и земаа две ливчиња. -Меѓутоа според она инфо што јас го имам најголемиот дел и од нивните гласачи веројатно калкулирајќи утре да се најдат во следната влада преводена од ВМРО-ДПМНЕ постапија многу слично на гласачите на ДУИ, истакна тој.

Лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски синоќа изјави дека резултатот од изборите е разочарувачки, и дека на СДСМ му е зададен сериозен удар. Најави процес на обнова и консолидација на партијата и нови избори за претседател и раководство на партијата. 

Ковачевски ги оцени изборите за фер и слободни, организирани согласно европските стандарди и тоа е рече огромен исчекор како резултат на слободата на медиумите и мирот и стабилноста која, како што рече, ја воспоставивме во изминатите години. Упати честитки за победата на политичкиот конкурент ВМРО-ДПМНЕ и на нивниот претседател Христијан Мицкоски, како и на Гордана Силјановска Давкова за изборот за претсдеател посакувајќи и да ја врши функцијата согласно уставните овластувања и евроатлантската посветеност. Тој упати честитка и до граѓаните и челнството на СДСМ кои рече и покрај резултатите од првиот круг, достоинствено излегоа да гласаат и помогнаа да се постигне цензусот за избор на Претседател.

-СДСМ повторно покажа државотворност и одговорност по стоти пат. Најлесно беше по толку лажни обвинувања и напади од ВМРО-ДПМНЕ да не го мобилизираме нашето членство за негласање на претседателските избори, но не паднавме во таа замка. Покажавме дека Македонија ни е поважна и секогаш ќе биде така. Денешниот резултат е разочарувачки. На СДСМ му е зададен тежок удар не само од граѓаните, туку и од симпатизерите и поддржувачите на партијата. Во наредниот период детално ќе ги анализираме овие резултати. Во наредните месеци ќе треба посериозно и подлабоко да го најдеме изворот и причините за овој поразителен исход, рече Ковачевски

Тој посочи дека не сака да избрзува со заклучоците и да посочува виновници, но подвлече дека и тој и партиското раководство како и сите избрани функционери имааат одговорност на локално и централно ниво.

-Не се сомневам дека многу граѓани вечерва чувствуваат страв, страв од прекумерната моќ, која ја има партија, која е позната по злоупотреба на моќта. СДСМ и коалицијата мора и треба да бидат силна, одговорна и државничка опозиција, порача Ковачевски.

Тој меѓу другото додаде дека следната година е можност земјава да ја продолжи евроинтеграцијата и нагласи дека ако се пропушти таа шанса може да се загуби уште една деценија, но можеби и уште една генерација.

На претседателската фотелја досега седнаа петмина претседатели. Првиот претседател Киро Глигоров и Ѓорге Иванов претседателската функција ја вршеа во два мандата, а по еден мандат имаа Борис Трајковски и Бранко Црвенковски, како и Стево Пендаровски.