Македонија
23. April 2024 - 16:38

Гласаат затворениците во Штип

84 годишната  Гордана Пикова од Штип за прв пат ќе гласа во домашни услови. Вели, ниту годините ниту болеста нема да ја спречат да си го оствари своето гласачко право, зашто досега не испуштила ниту еден изборен циклус.

- Додека сум жива и ме служи мозокот, јас ќе гласам, бидејќи се чувствувам Македонка и не отстапувам од тоа, изјави Гордана Пикова.

За гласање во домашни услови во општината пријавени се вкупно 158 граѓани. Членовите на избирачките одбори го подигнаа избирачкиот материјал, но обилните врнежи од дожд малку го успорија целиот процес.

- Моментално се наоѓаме на една од локациите каде што треба да се гласа. Во полн состав сме. Гласањето се одвива добро, меѓутоа малку отежнато поради временските прилики. Надвор врне многу дожд, но се надевам дека до крајот на денот се ќе се заврши како што треба, изјави Маријана Антоловиќ, претседател на ИО на ИМ 2296-Штип.

Во 7 часот наутро беше отворено и избирачкото место во Казнено поправната установа – Затвор – Штип.

- Во ова избирачко место има лица од 40 општини од нашата држава. Според избирачкиот список има 203 гласачи, досега, поточно до 11.30 часот, ислегле 72, а тоа претставува околу 35 % , изјави Деспина Крстева, претседател на ИО на ИМ-2307

Гласачката кутија ќе биде отворена до 19.00 часот, до кога и останатите осуденици ќе можат да го искористат своето избирачко право.