Доминира ставот училиштата да се отворат, предлог-планот на МОН се очекува од понеделник
Министерството за образование и наука има предлог-план како ќе почне да се реализира учебната 2020/2021 година од 1 септември. Тој треба да се финализира во наредната недела, да помине на седница на Влада и да биде соопштен во јавноста. Планот содржи протоколи за сите модели на настава – присуство во клупите на дистанца и со заштитни маски, онлајн-настава преку е-платформи и комбинирано учење со ротации на учениците на одреден период.
На дваесетина дена пред почетокот на учебната година, се интензивираат дебатите што е најдобро и најсоодветно за учениците. Оние што се за физичко присуство тоа го аргументираат со слабостите на онлајн-наставата кои се покажаа од март до јуни – нееднаквост во техничка опременост, необученост за дигитални вештини, проблеми во интернет-пристапот итн, а приврзаниците на онлајн-наставата се повикуваат на здравствената безбедност на децата, стравувајќи дека тие ќе бидат изложени на ризик од КОВИД-19, особено во средините каде што бројот на заразени е поголем.
Министерот за образование и наука Арбер Адеми вчера истакна дека преовладува позитивно мислење, и во Kоординативниот кризен штаб и во Владата, но и во образовните институции, учебната година да почне со физичко присуство. Сепак, се остава, рече тој, финализирање на модалитетите, уште еднаш протоколите да се разгледаат во Комисијата за заразни болести и потоа на седница на Влада да се одлучи кој модел конкретно би се активирал за кои околности и во која епидемиолошка состојба.
Важноста од отворањето на училиштата ја потенцираше и претставничката на УНИЦЕФ во земјава Патриција ди Џовани, која на презентација на резултати од истражување истакна дека пандемијата наметнала преориентација кон далечинско учење за децата да не изгубат од образованието и да нема застој, но дека има сѐ повеќе докази за негативното влијание од затворените училишта – долгорочни последици врз учењето на децата, безбедноста, здравјето и благосостојбата.
Речиси 59 проценти од анкетираните директори, 58 проценти од анкетираните наставници во основното и 48 проценти од средното образование, како и 46 проценти од анкетираните родители ја поддржале редовната настава во училница во согласност со протоколите.
За поддршка на комбиниран модел на настава во училница и на далечина се изјасниле 36 проценти од анкетираните директори, 33 проценти од наставниците во основното и 38 проценти од наставниците во средното образование, како и 35 проценти од родителите.
Ново на Сител
-
Просечната нето плата во март 40 496 денари
-
Милевски го објави списокот за натпреварите против Хрватска и Чешка
-
Спречен влез на 1,7 тони медикаменти штетни по здравјето на граѓаните
-
Кина најави санкции за американски одбранбени компании
-
Променливо и нестабилно време и во наредните денови
-
До 11 часот на гласање излегле 16,46 отсто од гласачите во седумте избирачки места каде се прегласува
-
Избувнал пожар во женското одделение во затворот „Идризово“
-
Велигденов: Вработените во подружниците на Македонска пошта протестираат, на 7 јуни ќе организираат штрајк