Американскиот претседател Барак Обама сумата од 1,4 милиони долари, што одат заедно со Нобеловата награда за мир, ја распореди меѓу десет добротворни организации, пренесоа светските агенции, повикувајќи се на Белата куќа.
Четири месеци откако Нобеловиот комитет во Осло му ја врачи престижната награда, претседателот го исполни ветувањето дека ќе го подари паричниот дел од наградата, посочи Белата куќа.
Најголем дел или 250.000 долари доби невладината организација „Фишер хаус“, која обезбедува заштита за семејства, чии најблиски биле лекувани во воени болници и болници за ветерани.
Фондот, создаден од поранешните претседатели Бил Клинтон и Џорџ Буш за помош на Хаити, добива 200.000 долари.
Обама по 125.000 долари им подари на шест невладини организации, што им помагаат на младите од малцинствата во САД (црнци, хиспаноси, индијанци) да добијат високо образование, посочуваат агенциите.
По 100.000 долари од наградата се наменети за американската организација „Африкер“, која спроведува хуманитарни проекти во Африка (земјите на југот од Сахара), и за организацијата „Централноазиски институт“, која се бори со неписменоста во Авганистан и Пакистан, прецизира Белата куќа.